Регулаторна: СДСМ манипулира и собира ситни поени пред избори

Регулаторната комисија за енергетика ги отфрла како тенденциозни и неточни наводите изнесени на денешната прес конференција на СДСМ, кои според нив, имаат за цел добивање на ситни политички поени во овој предизборен амбиент.

„Клучната придобивка од оваа фаза на процесот на либерализација на пазарот на електрична енергија е намалување на цените за електрична енергија за квалификуваните компании, со што значително ќе се подобри нивната конкурентност и директно ќе има позитивен ефект врз целокупната економска активност во државата, а со тоа ќе има позитивен ефект кој што ќе го почувствуваат и граѓаните, преку можностите за зголемување на платите во компаниите на кои ќе им се намалат трошоците кои досега ги плаќале и преку отворањето на нови работни места“, се вели во реакцијата на Регулаторната комисија за енергетика.

Иако, искуствата од другите земји покажуваат дека процесот на либерализација на пазарот на електрична енергија може да доведе до поскапување на електричната енергија за домаќинствата, од  Регулаторната со објаснување дека имаат изработено заштитни механизми со кои што тие ефекти ќе бидат минимизирани и нема да се дозволи ценовен шок на товар на граѓаните.

„Што се однесува до примерот со Хрватска, кој што СДСМ го користи како аргументација во својата прес конференција, укажуваме дека станува збор за класична манипулација односно селективно кажување на фактите. Во Хрватска пред почетокот на либерализацијата на пазарот на електрична енергија, цената на електричната енергија за домаќинствата беше драстично зголемена и изнесуваше 120 евра/МЊх, а потоа некои од снабдувачите на електрична енергија им понудија нешто пониски цени на потрошувачите со цел да привлечат нови клиенти“, посочуваат од Регулаторната комисија за енергетика.