СДСМ молчи за тоа колкумина ја донеле „едногласната“ одлука на ЦО за кадрите на Заев

Колку гласа брои едногласната одлука на СДСМ на вчерашниот Централен одбор на партијата во врска со кадровските решенија е прашањето на кое опозициската партија избегнува одговор. Откако порталот „Прес24“ ја објави информацијата дека вчера на Бихаќка состанокот на највисокото партиско тело поминал без присуство на една третина од 113-те членови на Централниот одбор од партиската централа беше лиферувано соопштение дека одлуката била донесена едногласно.

-Централниот одбор на СДСМ едногласно ги поддржа сите номинации за министри и заменици министри: Оливер Спасовски за министер за внатрешни работи, Фросина Ременски за министерка за труд и социјална политика, Александар Кирацовски за заменик министер за информатичко општество и администрација,  Кире Наумов за заменик министер за финансии и Љупчо Николовски за заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство. Јасно е за сите, влегуваме во Владата исклучиво како коректив на власта, со цел да обезбедиме гаранции за фер и демократски избори во интерес на граѓаните и на Република Македонија, рече претседателот Заев, стои во соопштението на СДСМ.

Случајно или не, Центарот за комуникации на СДСМ не објавува колкумина присутни ја донеле едногласната одлука, ниту пак причините за отсуството на голем број партиски членови меѓу кои и заменик претседателката Радмила Шекеринска, пишува порталот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.