СДСМ најави кривична против Груевски

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија најави дека ќе поднесе кривична пријава против премиерот Никола Груевски за неовластено снимање и прислушкување.

Како што наведуваат во своето соопштение, Груевски го следел, прислушувал и снимал лидерот на опозицијата долго време, односно дека тој ги снима оние кои доаѓаат на политички средби во неговиот кабинет.

Во продолжение во соопштението се вели:

Целата македонска јавност вчера виде како Никола Груевски ги снима и прислушува граѓаните и политичарите во Република Македонија.

Прашањето е дали воопшто Никола Груевски е пресметлива личност и дали е свесен со ваквите постапки каква штета и нанесува на Република Македонија?

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија ќе поднесе Кривична пријава против Никола Груевски за неовластено снимање и прислушување.

Согласно член 151 и член 152 од Кривичниот законик неовластено прислушување и снимање не е дозволено. Значи, Никола Груевски го прекршил законот.

Доколку постоеле посебни истражни мерки, сторено е кривично дело согласно членовите 360 и 360а од Кривичниот законик, оддавање службена тајна.

Сега Јавното обвинителство е на потег. Ајде да видиме како ќе постапи кога станува збор за Никола Груевски.

Груевски треба да одговори од кога е следен лидерот на опозицијата, Зоран Заев?

Претседателот на СДСМ јавно соопшти дека уште за време на криминалните избори минатата година, во разговор со Никола Груевски побарал одговори дали е следен и дали е под посебни мерки од МВР?

Иако Груевски посочил дека наводно не е информиран и дека ќе ја консултира Гордана Јанкуловска, до денес, воопшто се нема произнесено за овој скандал.

Објавувањето на податоците за движењето на претседателот на СДСМ во провладините медиуми, пред околу една година, потврдува дека лидерот на опозицијата е следен подолг временски период.

Значи Никола Груевски го следи, го прислушува и го снима лидерот на опозицијата долго време. Никола Груевски ги снима оние кои доаѓаат на политички средби во неговиот кабинет.

Незапаметени примери без преседан во Европа и целиот демократскиот свет.