СДСМ: Нашата чесна понуда е на терен меѓу граѓаните

Чесната понуда на СДСМ е на терен меѓу граѓаните, кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ останаа во скапиот партиски дворец, се тврди во соопштението од понеделникот на владејачката партија.

Социјалдемократскиот сојуз започна со презентација на „чесната понуда“ на кандидати за градоначалници и совети и програми „што носат живот“ во сите општини и ставаат крај на криминалната ера на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ.

„За разлика од кандидатите за градоначалници на ВМРО- ДПМНЕ кои својата кампања ја почнаа со прес конференции на кои испорачуваат лажни ветувања од скапоцениот партиски дворец, изолирани и со километри оддалечени од своите сограѓани и избирачи, кандидатите на СДСМ заедно со граѓаните, отчетно и домаќински работат на изнаоѓање на решенија за долгогодишните проблеми“, се наведува во соопштението.

„Владата предводена од СДСМ и парламентарното мнозинство за стотина дена покажаа дека може да се работи, одговорно, домаќински и отчетно во интерес на граѓаните. По победата на СДСМ на локалните избори, таквиот одговорен пристап ќе продолжи и на локално ниво, кога општините ќе добијат нови услужни локални власти предводени од СДСМ“, се додава во соопштението.