СДСМ не открива по кои критериуми ќе се селектираат партиските членови во ад хок комисијата

Од СДСМ одбиваат да и откријат на јавноста според кои критериуми ќе се селектираат партиските членови во ад хок телото кое треба да ги мониторира медиумите пред изборите.

Членот на Извршниот одбор на СДСМ, Љупчо Николовски на денешната прес-конференција само кратко одговори дека во моментов може да каже само дека пријавени биле над 20 кандидати .

-Во текот на денот ќе извршиме интензивни консултации и координации со професионалните здруженија на новинарите, со граѓанските здруженија, со невладините организации, по што ќе имаме повеќе детали. Она што во моментов можеме да го кажеме е дека над 20 луѓе, професионалци се имаат пријавено на повикот заклучно со рокот што беше вчера, вели Николовски.

Јавноста останува без одговор дали партијата ќе формира Комисија, дали ќе има интервјуа на кандидатите и дали однапред е утврдено како тие ќе се бодуваат. Не е познато ниту дали одбиените кандидати ќе имаат право на жалба. Од опозициската партија не информираат, ниту кои се лицата кои конкурирале на нивниот повик.

Имено, согласно законот ад хок комисијата е составена од пет члена, од кои четири члена ги определуваат двете политички партии во опозиција со најголем број пратеници и двете политички партии на власт со најголем број пратеници во Собранието на Република Македонија, по претходна консултација со релевантните професионални организации, од кои најмалку еден член е од редот на припадниците на најголемата немнозинска заедница во Република Македонија, во рок од седум дена од денот на влегување во сила на овој закон.

Директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ги именува четирите члена на ад хок Комисијата, веднаш а најдоцна во рок од еден ден од денот кога биле определени, додека петтиот член на ад хок Комисијата, директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги го именува по претходен предлог усвоен со консензус од четирите члена, во рок од 15 дена од нивното именување.

Мандатот на ад хок Комисијата трае до завршувањето изборниот процес на предвремените избори за пратеници во Собранието на Република Македонија, кои ќе се одржат во 2016. година.