СДСМ-овци сакаат со ГРОМ да го фатат последниот воз за влез во парламентот

Поголема група доскорешни и поранешни пратеници од опозициската СДСМ, како и општински лидери од оваа партија, денеска го контактирале претседателот на ГРОМ, Стевче Јакимовски, и побарале од него да бидат ставени на пратеничиите листи на оваа партија, дознава Нетпрес.

Нашите извори велат дека тие на Јакимовски му рекле оти повеќе не сакаат да бидат дел од опозициската СДСМ бидејќи, како што тврделе, биле крајно разочарани од пратеничките листи кои ги објави оваа партија. Исто така, навеле и дека имало голема поделеност како меѓу раководството, така и меѓу членството во СДСМ. Тие понудиле зголемување на бројот на членството во ГРОМ, како и на гласачкото тело, бидејќи навеле дека сепак се една поголема група, која брои неколку десетици и дека имаат долгогодишно искуство.

Јакимовски засега не им дал конкретен одговор, туку им рекол дека дополнително ќе ги извести што ќе одлучи.

Претпоставките се дека СДСМ-овците со овој свој потег, најверојатно се обидуваат да го фатат последниот воз за влез во пратеничките клупи во македонскиот парламент, бидејќи ГРОМ за утре планира партиски состанок на кој ќе ги дефинири своите пратенички листи, како и нивните носители.