СДСМ пак ќе крева востание

Есен е. Во Македонија од памтивек тоа е време кога семејствата ставаат зимница, а од 1998 година „традиционално“ СДСМ објавува војни, почнува борби, крева востанија, најавува ОТПОР за да се врати на власт.

И ете, сообразено со „револуционерната“ партиска традиција, Стефан Богоев, најновиот претседател на СДММ, најави дека неговата партија ќе пржи уште едно востание. Овој пат темата, пардон, причината за востанието ќе била жестока одбрана на уставното право на образование, кое немал право да им го одземе ниеден министер или влада!?

Вели борбава ќе ја почнеле со силна битка, која ќе значела нивни модерен 11 Октомври!? Зошто пак, добога? Е, овој пат (демек поводот) востанието ќе се крене против најавата за екстерното тестирање на студентите, односно против проверката на веродостојноста на дипломите што ги издаваат факултетите, а најпрецизно, проверка на знаењата пред независна меѓународна комисија на сите оние професори, административци, ексклузивци со д-р м-р пред имињата како предуслов за подигање на нивото на стандардите во образованието и конечно, создавање генерации на образовани и самосвесни луѓе.

Го гледам ликот на ова момче, ги читам неговите изјави, па пак му се опулувам во сликата и се обидувам да му ѕирнам во мозокот, поточно во делот задолжен за мислење за да видам дали воопшто пред да го изговори она што го изговори Богоев водел внатрешна битка (еве, дури и нека не е жестока), да не тресе глупости, да не се резили пред својата генерација. Ама, за жал, изгледа тој самиот нема капацитет да организира жестока битка против себе. Како може екстерно тестирање да биде закана за правото на образование? Како може проверка на знаење преку тестови или испити да биде опасност за секој што запишал студии? Штом некој од политичка говорница најавува ем жестока битка ем па борба и востание, би требало да знае, малкуцка макар, да мисли. Кому му пречи најавената генерална и темелна проверка на високообразованиот кадар во Македонија? Од досегашните најави и подготовки на „модерниов 11 Октомври“ се чини дека темелно е вознемирена речиси целокупната општествена елита, која полагала испити со врски, поткуп, на ти го дај ми го системот на оценување, која стекнувала дипломи и научни звања со препишување, лажирање, фалсификување, со партиски книшки и др. „научно-образовно-мангупски“ техники. Детево од СДММ изгледа идеолошки ѝ припаѓа на оваа групировка, која сака да ги искористи учениците, студентите и нивните родители како топовско месо во борбата за квалитетно образование. Мотивот за оваа најнова дубара не е во возвишеноста на идеалот за слобода и образование.

Прост е и валкан исто колку начините на кои тие стекнале дипломи и научни звања. Без екстерни проверки, тие ќе продолжат лажно да се претставуваат како учени луѓе. Цел народ ќе види дека не само царот туку и тие се рашетувале голи меѓу нас. Со ваквата реформа, ќе им се урне чаламот, ќе им се оспорат добиените награди и признанија, ќе станат за мајтап. Е, тоа не смеело да им се случи, па сега во најава ќе распишуваат оглас за мобилизација на корисни идиоти. Види ти се молам како го разбираат тие модернизмот во 21 век.

Затоа најавуваат жестока битка уште пред да им пукне првата пушка. Овој пат „участокот“ што ќе го напаѓаат е „малку“ погабаритен. Ќе гаѓаат директно во мозокот на секој од нас за темелно да нѐ ослободат од опасноста знаењето да продре конечно и во македонскиот образовен систем.

Ја прочитав колумната на м-р Ѓорѓи Трипков што ја објави порталот МКД под наслов „Зошто венее розата на СДСМ на политичката сцена“. Морам да кажам дека секоја изнесена оцена, дијагноза, размисла му е точна. Фали само финалниот заклучок. Причината за самракот на СДСМ е во образованието. Таму во раководните структури врие од необразован, интелектуално и сознајно инфериорен свет. Со оваа партија раководат напудрени и арогантни самодоволни полуинтелигенти на кои им е вграден „силикон“ во мозокот, а се вика „директива од горе“. Такви нормално дека не можат да размислуваат за тоа што е време, не умеат да го видат светот во кој битисуваат, ниту да го стават тој свет во контексти, односно димензии. Па, се разбира дека не се способни за идеолошки да се ориентираат. Оти не научиле како се копа и поставува темел. На маркицата што ја добиле по пат на наследство не знаат ни што ни како да градат, а камоли па за каква намена, односно за кого. Затоа и не сакаат да излегуваат веќе на избори. Туку ако им се фати некој на финтите, преку востанија и оружени борби и со странска интервенција.

Случајно ли е ви се молам што СДСМ во последниве осум и пол години востанува ама буквално против секоја образовна реформа. И секоја аргументација, експликација на темава е поразно глупава, ужасно срамна и политички самоубиствена. Се чудам од каде да почнам и како да ги селектирам примерите што им ги оставија за научна обработка на идните историчари што ќе го изучуваат ова наше време. Дали од моментот кога Радмила Шеќеринска и проф. д-р Владо Бучковски од собраниската говорница страсно се бореа против критериумот за судии да се воведе просекот (осумка или седумка) од студирањето и обврската активно (и стручно) да се знае еден странски јазик. Или од првиот бунт против екстерното тестирање и воведувањето државна матура. Или можеби уште од пред тоа кога ѝ се згнаа на компјутеризацијата на основните училишта со „аргументацијата“ дека на Македонија прво ѝ требаат ќеневи, а потоа ќе му ја мислиме и за компјутерите. Зборот ми беше за 21 век и модернизмот што го споменува она момче што ја предводи СДСМ-младината. Тој не знае дека ќеневите и школите ги изградија оние што го организираа првиот победнички 11 Октомври, ама оние што дојдоа по нив и наследнициве, денешниве окупанти не знаеја дека секој ќенев има рок на траење, па мора со време да се издвојува пара, да се планира, за да се купи нов.

Или да го споменам востанието на другарите на Фрле, кои ја бранеа автономијата на универзитетите преку противењето на оценувањето на квалитетот на студиите на македонските факултети. А можам ли да го прескокнам бојкотот на универзитетските професори на научната литература со светско педигре, која владата реши да ја преведе и да им ја направи достапна на студентите. Или можеби најголемиот и историски срам што им го нанесе МАНУ на Македонија и на Македонците кога еден ден по промоцијата кукавички свитка глава пред еден очебиен политичко-гангстерски напад на двајца „западноцивилизирани“ амбасадори, кои, во содејство со дипломирани учки, сдсмовци и соросоиди, плус „слободоумниот“ Бранко Геровски, јавно ја спалија Македонската енциклопедија и така придонесоа во темелното бришење на македонскиот идентитет (јазикот (придавката), историјата, континуитетот. Немерлив е и придонесот на истава категорија интелектуално банкротирани личности од СДСМ, кои ја организираа антиквизациската и хеленистичката парада без да му ја мислат за последиците по општеството. Како и да е, тие и понатаму се легитимираат како контрареволуционери со бандитска политичка агенда. Нема шанса кој било да им ги извади всадените мозочни силикони.

Оттука натаму сѐ е во умот и волјата на овој народ и решеноста на владејачката елита со тазе добиен мандат да го спроведе она што го зацртала и ветила. Ако мислиме искрено и сериозно за одржливоста на нашата држава и нејзиниот развој, ни треба итно квалитетно образование од градинка до факултет. Значи, високи стандарди и критериуми.

Вредносен систем без семејна протекција, партиски книшки, фалсификати. Премиерот Груевски овој пат да не го заигра пак „традиционалното“ македонско оро еден напред, два чекори назад. Нему му стана вообичаено прво да најави силна реформа, а потоа да нѐ враќа два чекори назад поради некакви (внатрепартиски или опозициско-странско-експертутско-медиумски) притисоци. Овој пат ако сака да ја задржи довербата меѓу народот, нека се држи доследно до мотото „знаењето е сила – знаењето е моќ“. Оти така е. Македонија својата сила и моќ може да ги стекне само преку образованието, а не преку одбраната или членството во некакви воени сојузи. Пропуштивме многу време и загубивме многу генерации.

Мирка Велиновска за Нова Македонија