СДСМ почна да молчи за 5-те илјади тима

Иако почетокот беше најавен за веднаш по минатонеделното објавување на новата стратегија на дејствување на СДСМ, тимовите од партијата на Зоран Заев с` уште не се координирани и не почнале со директни контакти со граѓаните, пишува „Дневник“.

Според весникот, во партијата се уште се кројат планови како да се дојде поблиску до секој дом и засега нема официјални детали како 5.000 тима, како што најави лидерот на СДСМ, ќе им влијаат на граѓаните.

Минатата недела првиот социјалдемократ на прес-конференција зборувајќи за првиот столб од новата форма на дејствување под наслов „Работиме заедно“ рече дека тоа ќе биде партнерски однос на слушање на проблемите и заедничко дефинирање реални решенија. Но, во СДСМ с` уште се молчи за деталите, особено за обемната бројка на мобилизација што ја најави Заев.

-Вчера официјално побаравме дообјаснување од „Бихаќска“ за бројката на тимови, но до затворање на весникот не добивме одговор ниту за тоа дали почнале да работат, ниту, пак, кои се нивните задолженија, кој ќе ги координира и дали имаат временска рамка за нивното работење, како што Заев најави прецизни рокови за стратегијата. Во четвртокот, пак, претседателот на СДСМ нагласи дека работењето на тимовите нема да значи кампања, туку заедничко дејствување со граѓаните, пишува „Дневник“.

Од неколку скопски општински организации, пак, дознаваме дека партијата е сериозна во намерата новата стратегија да ја имплементира навремено и истата да има позитивна рефлексија за СДСМ. Од разграноците брифираат дека централата за време на состаноците со највисокото раководство кои беа интензивни изминатите денови им дала да извршат голем број нови задолженија и ги ограничила со временска рамка. Но, за дејствувањето преку тимовите што ги најави Заев засега во поголем дел од општинските организации немаат конкретни информации и насоки и с` уште се чекаат инструкции. Kлучен период за СДСМ, односно за интензивно презентирање на с` она што партијата го смисли како нова стратегија, велат наши извори, ќе биде септември, пишува весникот.

Според информациите на Дневник, бројката од 5.000 тима не е случајно избрана. Според пресметките на партијата, речиси толку работни места ќе има слободни ако се смени власта. Бројката на тимовите, дознаваме, е ставена повеќе симболично, но и за мотивација и ветувања од врата на врата работни места за граѓаните на позиции што се слободни, а зависат од Владата и од Собранието. Ако ВМРО-ДПМНЕ загуби на наредните избори, според СДСМ, околу 4.000 работни места (управни одбори, министерства, фондови) ќе останат слободни.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.