СДСМ поднесе кривични против Канческа Милевска и Тодоровиќ

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија соопшти дека поднеле кривична пријава против министерката за култура, Елизабета Канческа Милевска, поранешниот градоначалник на општина Центар, Владимир Тодоровиќ и советниците на ВМРО ДПМНЕ во претходниот Совет на општина Центар.

„Во име на еднаквиот третман на сите пред лицето на правдата, поднесовме кривична пријава за основано сомневање за сторено кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353, став 5 од Кривичниот закон,  и нанесена штета на  Буџетот на РМ во вредност од над 3,5 милијарди денари или повеќе од 58 милиони евра. Се сомневаме дека спротивно на членовите 3, 4, 5 и 8 од Законот за меморијални споменици и спомен обележја (ЗМССО) прво обвинетата учествувала, поттикнала и ја злоупотребила својата функција на начин што во име на Министерството доставила 13 иницијативи до општина Центар за подигање на 22 спомен – обележја. Иако од содржината на истите и описот на ликовите даден во иницијативите произлегува дека се работи за изградба на меморијални споменици, за не е надлежна општината туку Собранието на РМ“, изјави денеска портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов.

Шилегов вели дека бараат итна реакција од Јавното обвинителство.