СДСМ продолжува со сценариото за креирање на инциденти во Собранието (ВИДЕО)

Агресивност, надвикување, навреди, закани, деструктивност, исклучување на микрофони, дрскост и недолично однесување, беше фактичката состојба која што пратениците од СДСМ на денешната Комисија за образование, наука и спорт ја предизвикаа и создадоа со своето однесување, пишува „Курир“.

На дневен ред на оваа собраниска комисија сеуште се наоѓа Предлог – законот за основање на универзитет за национална одбрана, безбедност и мир „Дамјан Груев“, поради што пратениците од СДСМ, како во изминативе неколку дена, така и вечерва, на секаков можен начин односно преку предизвикување на инциденти, тензии и физички контатк помеѓу пратениците, имаат за цел да го блокираат донесувањето на овој многу важен закон кој ќе значи основање на нов универзитет за национална одбрана, безбедност и мир и кој понатаму ќе треба да продуцира стучен и обучен кадар.

Интересно е тоа што денешново сценарио и обид за креирање на инциденти во Собранието на Република Македонија од страна на пратениците од СДСМ не се случува прв пат. Речиси идентично сценарио, каде пратениците од СДСМ на секој можен начин постојано ги блокираат и кочат сите позитивни процеси и реформи, македонската јавност можеше да види и во неколку наврати досега. Македонската јавност е сведок дека ова не е прв пат пратениците од СДСМ да напаѓаат жени пратенички, да упатуваат лични закани, да навредуваат, да етикетираат, да омаловажуваат итн, пишува порталот.

Според „Курир“ очигледно, нервозата кај СДСМ, како се доближува датумот на избори, се повеќе расте и не може да се контролира, а веројатно, на ова влијаеле и денешните резултати од анкетата на Институтот Брима Галуп чии предвидувања се дека СДСМ и на овие предвремени избори убедливо ќе загуби.

Сепак, само присебноста, смиреноста и професионалноста на пратениците од мнозинството и овој пат не дозволи посакуваното сценарио за СДСМ да се реализира како внатре во Собранието, така и надвор од него.