Македонија

СДСМ сака дијаспората да нема свои пратеници

СДСМ сака дијаспората да нема свои пратеници

Во разговорите за изборниот закон СДСМ отворено побарале Македонија да биде една изборна единица. Ова би значело дијаспората да остане без свои претставници во македонскиот парламент.

Од извори вклучени во разговорите дознаваме дека тие директно го соопштиле овој свој став, без притоа да внимаваат за интересите и македонската дијаспора. Укинувањето на правото дијаспората да има свои претставници ќе значи трајно оштетување на дијаспората кои се и македонски државјани. Едно од главните барања на македонските иселеници кои имаат историски и економски врски со Македонија беше токму да имаат свои претставници во парламентот со цел да ги преставуваат нивните интереси. Вистинските мотиви на СДСМ се фактот дека во моментот постојат тројца пратеници од дијаспората кои што според расположението и волјата на гласачите од дијаспората на последните избори се избираат од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, пишува Курир.

Стравот од пораз на СДСМ достигнува огромни размери и се преточува во нелогични предлози на штета на граѓаните од кои само се манифестира нервозата поради слабата поддршка од граѓаните.

За ваквите состојби во СДСМ говори и фактот што побарале во закон да влезе и забрана за политичко агитирање од ВМРО-ДПМНЕ и забрана за појавување на телевизија на функционери на ВМРО-ДПМНЕ за време на изборната кампања, во спротивно доколку имаат јавни настапи и кампања барањето на СДСМ би значело сите да си дадат оставки од државните функции.

Ова значи дека СДСМ бара закон кој би значел забрана на ВМРО-ДПМНЕ да учествува на избори, само поради тоа што ја има поддршката од граѓаните и има одговорност да управува со државните институции, како и забрана да има политичка изборна кампања.

Вчера во изјава од Штип, Зоран Заев потенцираше дека се губело време и дека роковите за постигнување на договор мора да се испочитува.

-Политичарите и политичките партии да седнат внимателно, вклучително и ние, да ги дефинираме решенијата и да не се купува време, изјави Заев, пренесува порталот Курир.

Но, освен кажаното, чекорите кои ги демонстрира Заев покажуваат сосема друго, тие излегуваат со разно разни предлози со цел договор да нема.

Токму на оваа тема изјава даде Никола Тодоров кој посочи дека СДСМ е партијата која работи на одолговлекување на преговорите и оневозможување на доаѓање до договор, односно компромисно решение.

-Веројатно позади тоа стои стравот од претстојните избори, односно стравот дека ќе загубат на претстојните избори. Тактиката е секогаш кога има некои конструктивни предлози од ВМРО-ДПМНЕ тие се прифаќаат, но доколку има поголем број такви и се гледа дека работата оди на добро, тогаш се дава некој предлог кој не е рационален и однапред се знае дека не е прифатлив за никого, вели Тодоров.

Антонио Милошоски кој исто така е дел од партиските разговори потенцираше дека СДСМ  нема доверба во сопствените капацитети, и и излегуваат со некои произволни и неиздржливи решенија.

-Поради тоа некогаш се наоѓаме во цајтнот за превземените договорени обврски, па мораме во последен момент да одлучуваме. Како што беше случајот со Специјалниот јавен обвинител, истакна Милошоски.