Македонија

СДСМ сака преку дестабилизација да дојде на власт

СДСМ сака преку дестабилизација да дојде на власт

Она што се има случено и што јавно го имам кажано е фактот дека Зоран Заев јавно објави дека ќе почне да емитува креирани разговори, тој тоа го кажа дека се од странски разузнавачки служби прибавени, тоа го видоа сите и очигледна е целта со овие креирани разговори кои што патем речено и самите СДСМ не кријат дека се сечени, лепени, додавани, манипулирани итн. Во една нивна прилика изјавија дека заборавиле еден дел поврзан со Бранко Црвенковски да го исечат, во друга прилика кажуваа дека сечеле други работи.

Ова меѓу другото го истакна претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, одговарајќи на пратеничко прашање на пратеничката Роза Топузова Каровска.

– Обидот е да се изврши дискредитација на луѓето кои што ја имаат добиено довербата од граѓаните, со цел да се наруши таа доверба и на тој начин да се дојде до уште еден политички успех. Она што исто така е цел е да се прикажат луѓето како нечовечни, како криминалци, како изборни фалсификатори, рече Груевски.

Тој напомена оти тоа е целта на Зоран Заев, а дека целта на оние кои што нелегално ги снимиле овие разговори е сосема поинаква.

– Нивната цел е да направат дестабилизација, да направат ситуација да дојде до меѓусебни расправии, рече премиерот.

Тој нагласи дека неслучајно е одбран токму овој момент и дека нашле човек кој што е доволно слаб, доволно алчен, и којшто ќе се нафати да биде нивни инструмент.

Груевски нагласи дека автентичноста на снимките ќе се одговори во судски процес.