СДСМ се бори за фотелји без избори

Македонија нема услови за техничка влада, тоа се смета за преседан во денешни услови. За да се создаде техничка влада потребно е да има државен удар, како оружен конфликт, длабока економска или должничка криза, воен удар, политички убиства…

Она што денеска го бара СДСМ само за да се смести во удобните владеечки фотелји е несмислено, бидеќи пред неполни шест месеци во Македонија се одржаа фер и демократски избори, кои беа потврдени и од меѓународната заедница. Избори во кои граѓаните го искажаа своето мислење и довербата повторно му ја дадоа на премиерот Никола Груевски и коалицијата за подобра Македонија на ВМРО-ДПМНЕ.

Од последното интервју за Фактор на заменик-претседателот на СДСМ, Радмила Шеќеринска, лесно може да се оцени дека СДСМ има цел, една и единствена, а тоа е дојде на власт и конечно по 8 години да се смести на Илинденска број 2. Планот како да се дојде до власт го немаат, ниту како да дејствуваат, ниту пак како да ја вратат довербата на народот. Нив тоа не им е важно, дали или не ќе бидат избрани на фер и легитимни избори, ако може тие ќе стапат на функција уште веднаш без избори.

Во интервјуто, Шеќеринска бара техничка влада и вели:

„Не се бориме денес со ВМРО-ДПМНЕ за утре со нив да ја делиме власта. Нашите разлики се големи и суштински. Ниту бараме, ниту прифаќаме заедничко владеење со Груевски. Целта ни е да ја промениме погубната политика, а не да ја аминуваме или споделуваме. И во најтешките моменти покажавме дека не сме на продажба и дека не прифаќаме политика на дневен пазар. Тоа нема да се промени.“

Шеќеринска додава дека она што и треба на Македонија е техничка влада чии еден и единствен мандат ќе биде да обезбеди фер и демократски избори.

Оттука доаѓа и хумуристичниот момент, што СДСМ ја бојкотира институцијата Парламент, како таа ќе ја почитува Власта, ако не го признава Собранието, институција каде сите партии ги бранат своите мислења и ставови.

Во светот се формирале технички влади, но на тоа најчесто му претходела некоја длабока причина, како оружен конфликт, длабока економска или должничка криза, воен удар, политички убиства и слично. Во Македонија во моментов нема ништо од сето тоа. Формирање техничка влада по завршени избори е практично делегитимирање на изборните резултати и непочитување на волјата на граѓаните. Во такви околности се наметнува дилемата зошто ни се тогаш избори кога политичките лидери без согласност од граѓаните би се договарале меѓусебно и би ги делеле ресорите.

Тоа е практично систем на племенско договарање, а не практикување функционална демократија каде што граѓаните, односно гласачите, го имаат последниот збор.

Ако опозицијата имала решенија со кои сега настапува и бара формирање техничка влада, прашање е зошто со нив не излегла пред граѓаните на избори.

Македонија во својата историја само еднаш имаше техничка влада, но условите беа многу поинакви од овие со кои се соочуваме денеска.

Во не така далечната 1991 година, со самиот чин на осамостојувањето на Република Македонија, се создаде првата македонска влада, која беше техничка и од времен карактер. Целта за создавањето на оваа влада беше конститутирање на Република Македонија како независна држава.. Во текот на мандатот на оваа влада е одржан и референдумот за независност на Македонија и беше усвоен Уставот на Република Македонија.

Меѓутоа, меѓупартиските конфликти на оваа влада не траеше долго. Само една година подоцна Собранието и изгласа недоверба.

Очајноста за фотелја на СДСМ се гледа и во фактот дека во 14 години владеење, СДСМ никогаш не се поистовети со обичниот човек, не се грижеше за нивниот стандард, ниту пак за тоа дали имаат леб да стават на масата. Денеска, тие повеќе налику ваат на давеници кои се фаќаат за сламка, шетаат по градови и села, за кои до вчера не ни слушнале дека постојат во државата.

Контрадикторноста во нивните ставови се гледа и во проектот „Скопје 2014“. Тој според опозицијата и бил непоребен на Македонија, бил премногу скап, а кога тие ќе дојдат на власт, ќе го урнат за да заврши целата оваа фарса со фалсификување на историјата.

Денеска сме во ситуација кога, највисокиот државен врв на СДСМ слави годишнини, јубилеи во истите тие објекти кои до пред некој ден сакаа да ги урнат.

На крајот од интервјуто Шеќеринска вели „во Македонија владее страв и општа депресија. Ги создава и стимулира власта постојано и систематски. И да, наша клучна задача ќе биде нив да ги кршиме. Четирите столба на новата стратегија на СДСМ ја имаат таа клучна цел: со чесна и различна понуда, со силна организација, со широки партнерства и постојан контакт со граѓаните да покажеме дека борбата има резон, дека стравот може да се победи и дека Македонија заслужува да биде држава која заедно ќе ја градиме, а не од која заедно ќе бегаме“.

Дали е ова дното кон крајот на опозицијата останува да видиме. Но, како што изгледаат работите, СДСМ не може да потоне повеќе од таму каде што е.