СДСМ сега ги сака гласачите од Пустец во Македонија?

Сите 639 гласачи со потекло од Мала Преспа и Пустец на кои пред два дена со три гласа „против“ и три гласа „за“, првиот човек на ДИK Никола Рилковски им ги одби пријавите да гласаат за парламентарните избори во Тирана, ќе бидат гласачи во Македонија, пишува „Дневник“.

Тие, како што пишува весникто, имајќи предвид дека претходно се прифатени како гласачи во Албанија за изборите за шеф на државата, на 27-ми април ќе треба својот глас за претседател да го дадат во амбасадата во Тирана, додека, пак, за пратеници да гласаат во Скопје, Kичево, Охрид и Ресен каде што им се македонските адреси.

Ваквата промена на состојбите доаѓа благодарение на гласовите на претставниците на СДСМ и ДУИ во ДИK. Точно пред една година на локалните избори токму СДСМ негодуваше зошто овие избирачи ќе гласат во Македонија бидејќи влијаат на резултатите тука и дека поради тоа се работи за нефер и недемократски избори.

Член на ДИK за „Дневник“ тврди дека промената на одлуката е уште поапсурдна ако се знае дека истите луѓе со истите документи пред две недели кога се пријавиле за гласање во амбасадата за претседателските избори од Рилковски и неговата колешка Виолета Дума биле прифатени како гласачи на посебниот список за Европа.

Рилковски, веќе два дена го одбегнува одговорот на прашањата на „Дневник“ зошто кога истите луѓе со истите документи се пријавиле да гласаат во Тирана за претседателските избори гласал „за“ да им се прифатат пријавите, додека, пак, пред три дена гласал „против“, како и тоа зошто кога за одлуката имало нерешен резултат (три-три) тој прогласил одлука дека им се одбиваат пријавите?

СДСМ игра за ДУИ?

Според досегашните информации во ДИK, за изборната единица во Европа досега се пријавени околу 13.000 македонски државјани. Податоците не се конечни имајќи предвид дека се’ уште не се обработени сите пријави стигнати преку електронска пошта. Во Тирана за претседателските избори се пријавија околу 700 луѓе. За парламентарните избори нивната бројка с` уште не е утврдена бидејќи стигнати се повеќе пријави, но јасно е дека речиси 700 гласа од Македонци се избришани, а тие може да му помогнат на ДУИ во битката со ВМРО-ДПМНЕ за пратеничко место од Европа.

„Не станува збор за помагање, туку СДСМ бара принципиелно запишување во Избирачкиот список, а не фиктивно намалување на бројката. Дури она што е парадоксално е дека ДИK не знае дали дел од запишаните во Избирачкиот список се живи или мртви. Воопшто не навлегуваме во внатрешните игри помеѓу коалициските партнери, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Секој што според законот има право на глас, апсолутно треба да гласа. Но, тоа да биде во согласност со законот“, велат од СДСМ, за весникот

Во согласност со Изборниот законик право на глас на изборите имаат сите полнолетни државјани со биометриски исправи кои се запишуваат во Избирачкиот список во избирачко место според нивната адреса во Македонија.

За СДСМ, гласачите од Пустец се фиктивни

Оние гласачи кои се влезени во списокот, а кои на денот на изборите се наоѓаат во странство имаат право да изберат каде ќе гласаат – дали според домашната адреса или, пак, во амбасадата во странската држава во која се.

Спротивно на сегашните ставови, пред една година СДСМ сметаше дека на гласачите од Пустец местото не им е во Македонија, евентуално во дијаспората. Така, лани на седми април Радмила Шекеринска рече дека власта „запна“ да го добие Центар и дека не избирајќи средства носеше граѓани од Пустец, Албанија, за Центар, како што рече, да го направи Пустец.

„Што ќе речете кога гледате и слушате гласачи што не знаат да ја изговорат улицата која им е запишана во нивните лични карти, издадени за да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ. Не е ли чудно што полициско „бмв“ стои пред училиштето каде што гласаат жители на Пустец. Некои од овие гласачи одеднаш исчезнуваа, дури и оставајќи ги своите лични карти“, изјави тогаш заменичката на Заев.

Од каде промена на ставовите? Од СДСМ велат дека не е сменет ставот во однос на овие гласачи од пред една година. Социјалдемократите и натаму сметаат дека се работи за фиктивни гласачи кои воопшто не треба да ги има на списокот бидејќи според нив не било можно во еден стан да живеат 100 избирачи и дека личните карти им се издадени нелегално.

„Нашите сограѓани од Пустец имаат државјанство, но факт е дека никогаш немале живеалиште во Македонија. Бидејќи е невозможно. Вистинската адреса за ова прашање е кај МВР, кое на нелегален начин им издало лични карти на овие лица. Со оглед на тоа што МВР работи незаконски, Ве упатуваме до нив да ги поставите прашањата“, велат од СДСМ за тоа каде, според нив, треба да гласаат македонските државјани од Пустец.

Веќе една тужба против ДИK од избирач

Еден избирач од Пустец, кој се пријавил да гласа во Тирана, а бил одбиен од ДИK, вчера поднел тужба против одлуката на Избирачката комисија до Управниот суд за да го оствари своето избирачко право, дознава „Дневник“. Се очекува по добивањето на решенијата дека се одбиени за гласање во Тирана тужба да поднесат и други избирачи.

Во согласност со законските рокови, Управниот суд треба да ја донесе одлуката во рок од 24 часа. Управниот суд при тужбите на ДУИ и на СДСМ за избирачите од Пустец запишани во посебниот список за Европа за претседателските избори пресече дека ваквите гласачи се законски и сами се пријавуваат каде да гласаат.