СДСМ: Системски пропусти за грипот

СДСМ ја обвинува власта за системски пропусти за грипот и тврди дека не е испочитувана препораката на Светската здравствена организација да се вакцинираат 75 проценти од старите лица, како и лицата  кои спаѓаат во приоритетните ризични групи.

– Според официјални податоци од Институтот за јавно здравје, во земјава набавени се 10 пати помалку вакцини од потребите на граѓаните. Вакцинирани се само 7,7 проценти од лицата на возраст над 65 години и иако децата најчесто заболуваат, вакцинирани се само 10 деца на возраст до 5 години, изјави денеска Златко Мехмедовиќ, член на Комисијата за здравство на СДСМ.

Според Мехмедовиќ, со оглед дека епидемиолозите предупредуваат дека пикот на грипот може да се очекува во февруари, не е доволно продолжувањето на распустот на учениците за неколу дена, а проблемот е системски.

Здравството, наведе, е еден од приоритетите во Планот за живот во Македонија на СДСМ, со кој е предвидено бесплатно болничко лекување за сите, зајакнување на превентивната здравствена заштита, здравствена едукација за вакцинацијата и почитување на сите светски практики за квалитетна здравствена заштита.