СДСМ: Следува формирање влада, потребна зрелост од сите

СДСМ денеска соопшти дека е потребна зрелост од сите политички субјекти, институции, вработени и поединци, според законските обврски, личната одговорност и согласно државните интереси, да се овозможи формирање нова влада.

– Новата влада, исто како и новиот собраниски претседател, ќе биде избрана согласно Уставот, Деловникот и законите на Македонија, соопшти СДСМ.

Писмото од новиот собраниски претседател Талат Џафери до Ѓорге Иванов, се вели во соопштението, е обврска за Иванов да ги стави на страна личните интереси за бегство од правдата на Никола Груевски и да постапи според уставната обврска кон граѓаните на Република Македонија.

Пораките од Брисел, наведува СДСМ, по посетата на Џафери се јасни, легитимно е избран и признаен новиот собраниски претседател, се чека во брзо време изборот на новата реформска Влада. Следува реафирмација на владината програма што ја штити унитарноста на државата и обезбедува правда и живот за сите граѓани, најавува СДСМ.

Партијата истакнува дека на Македонија и се потребни стабилност и реформи за да исчекори кон евроатлантските интеграции и да обезбеди квалитетен живот за граѓаните, што, посочува, е предвидено во програмата на новата реформска влада која што ја очекува и домашната јавност и Европската унија.

– Секое попречување на трансферот на власта и секое незаконско делување е казниво според постоечките закони, стои во соопштението од СДСМ