СДСМ со барањата дополнително ја губи довербата кај граѓаните

Длабока нервоза и нелагодност владее во СДСМ.

Повеќе видни членови на опозицијата му укажуваат на лидерот Заев и преговарачкиот тим на партијата дека десеткратно ја зголемуваат штетата на партијата со тоа што бараат дијаспората да се отпише и да нема свои претставници во Законодавниот дом.

Високите членови укажуваат и дека СДСМ оди на работ повторувајќи ја ситуацијата од 2004-та година и територијалната поделба, сега кога прави пазари со ДУИ да се воведе бадинтер во ДИК, пишува Курир.

Како што дознаваме, Заев на ваквите забелешки укажувал дека и самите се свесни за слабата поддршка од граѓаните и дека на секој можен начин ќе се трудат да дојдат до решенија кои ќе значат обезбедување на каква-таква подобра позиција за СДСМ.

Ставот на членовите на СДСМ кои имале забелешки поради таквото однесување, бил дека дури и да се донесат решенија на кои инсистира опозицијата, негативно ќе се влијае во јавноста и ќе се загубат повеќето гласови отколку што би се обезбедила некаква предност.

Исто така, тие посочиле и дека има огромна неконзистентност во ставот за активна регистрација на гласачите, што беше едно од главните барања на СДСМ.

Високите членови на партијата му укажале на раководството од Бихаќка дека со откажувањето од тоа барање, СДСМ излегува на чистина и ќе биде мета на осуда од јавноста поради правењето на проѕирен маркетинг од постоење на фиктивни гласови, а СДСМ во суштина бара решенија со кои што кажува дека не само што не постојат, туку ќе се испрати порака дека на оваа тема манипулира со јавноста и ги потценува граѓаните.

Што се однесува до дијаспората, забелешките до Заев се однесувале на тоа дека со откажувањето од неа и барањето таа да остане без свој пратеник, практично СДСМ ги погребува било каквите шанси за продор таму и ќе биде отпишана од македонските иселеници засекогаш.

Според информациите до кои дојдовме за разговорите, СДСМ свесна за сево ова, предлага формални решенија со кои би се кажало дека дијаспората гласа, но во суштина таа ќе остане без свои пратеници, што би било двојна измама од СДСМ.