СДСМ со новите министри нема да има алиби за поразот на следните избори

Пратениците денес на 76. пленарна седница ги избраа предлозите за нови министри и заменици министри, кои треба да бидат назначени согласно договорот меѓу политичките партии во Пржино.

По првата точка од дневниот ред односно по Предлогот за избор на членови на Владата на Република Македонија за збор се јави и Координаторот на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски кој прво истакна дека овој избор на министри и заменици министри е плод на политички договор, но и плод на политичка волја за брзо завршување на политичката криза во Република Македонија.

Како парламентарно мнозинство носиме одговорност само пред граѓаните и без разлика на желбата за власт која што ја има опозицијата, ние носиме одговорност да не дозволиме понатамошно проширување, продлабочување и зголемување на последиците од политичката криза. Ние не смееме да дозволиме нарушување на безбедноста на државата, нарушување на функционалноста на институциите, нарушување на меѓуетничките односи, но пред се како парламентарно мнозинство не смееме да дозволиме нарушување и тешки последици врз стопанството, странските инвестиции и генерално врз економската состојба и животниот стандард на нашите сограѓани, истакна Илија Димовски.

Димовски потоа истакна дека постојат низа мерки со кои што како што рече тој, од една страна погледнато треба да се врати довербата на опозицијата во институциите на државата, но од друга страна погледнато овие мерки ќе служат да не се дозволи уште еднаш опозицијата да не ги прифати изборните резултати, да не ја прифати волјата на граѓаните и да не прифати стабилно функционирање на парламентот, владата и другите државни институции.

Се надеваме дека ако СДСМ навистина во некој дел од својот разум, верува во приказните кои што ги говори, за тоа дека изборите биле не фер, за тоа дека избирачкиот список бил неточен, за тоа дека имало лажни гласачи, после ова нивно влегување во Владата ќе разберат дека изборите не ги губат поради тоа, туку ги губат поради фрапантните штетни последици кои што ги оставија после нивното владеење, заради тоа што не им држи зборот, заради тоа што немаат концепт и програма, како и заради тоа што имаат значително слабо ниво на кадровска понуда. На 24 април, колеги од СДСМ, ќе го видите тоа. Тоа не да ви го кажеме ние, тоа ќе ви го кажат граѓаните, посочи Координаторот на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски.

Тој истакна дека, доколку СДСМ е свесно дека изборите не ги губеле поради лажните приказни туку поради причините кои тој ги наведе, тогаш ќе мора да се понесе политичка одговорност пред сите граѓани на Република Македонија, поради тоа што, како што рече Димовски, ние година и пол живееме во настаната ситуација во која заради желба за власт се доведе државата до политичка криза и институционална криза. Затоа одговорноста за сето ова, ќе мора некој да ја понесе, констатираше Димовски.

Димовски се осврна и одговорноста која ќе ја имаат новите министри од СДСМ со оглед на тоа дека како парламентарно мнозинство беше поздравени нивната одлука на министерските места да бидат назначени партиски кадри.

Утре никој нема да може да каже дека некој технички министер кој што бил прифатен од сите партии, требало, можело, знаел, не знаел, како да раководи со министерството кое го превземал. Не! Секретарот и потретседателот на СДСМ ќе ја понесат целокупната одговорност, а нивната партија целокупната политичка одговорност за сите грешки кои ќе следат во наредниот период, посочи Димовски.

Тој потоа истакна дека од новите министри се очекува да не ги стопираат позитивните проекти кои досега ги спроведува Владата, како и дека се очекува справување со сите предизвици и проблеми кои ги имаме и со кои се соочуваме. Како што рече тој, ние за таа цел ќе водиме сметка сите овие приоритети и принципи да бидат запазени од страна на сите членови на Владата, без разлика од која партија доаѓаат и нема да дозволиме злоупотреба на институциите за партиски потреби.

На крајот, Димовски изрази големо задоволство во врска со предлогот за министер за информатичко општество и администрација да биде предложен досегашниот заменик министер Марта Томовска, која како што рече тој, таа досега имала одлична соработка со парламентот, но и тоа дека досега во министерстото за информатичко општество водела значајни проекти и реформи кои беа пофалени како од граѓаните, така и од сите меѓународни субјекти.