СДСМ со протести против законот за бомбите

Опозициската СДСМ тргнува со протести против законот за бомбите, денеска попладне. Под превезот на граѓански здруженија, наводно организатори на протестот, првиот собир е закажан за денеска попладне пред Собранието.

Како наводен огранизатор се јавува извесно граѓанско движење „Ајде“, кое протестот под слоганот „Стоп за цензурата!Не ги даваме бомбите!“, го најавува преку социјалните мрежи. Причина е најавениот предлог-закон за забрана на објавувањето на прислушуваните материјали, иако таков закон беше одобрен од сите страни при потпишување на договорот од Пржино.

Но, според познавачите, главна причина за протестот не е никаква цензура, туку тоа што со еден ваков закон опозициската СДСМ всушност ќе остане без својата главна алатка за политичко уценување и оцрнување.

Согласно договореното во Пржино, владејачките ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ вчера предложија Закон за бришење на сите досега објавени „бомби“ на СДСМ, а казната за секој што би го прекршил законот се предвидува да биде четири години затвор. Исто така, предлог законот, ако се усвои, предвидува забрана за повторно објавување на веќе објавените „бомби“ на Заев, а нови материјали директно ќе треба се достават до специјалното Јавно обвинителство. Медиумите, пак, ќе мора да ги симнат од своите интернет страници веќе објавените материјали од прислушуваните разговори.