СДСМ со стратегија за одложување на изборите – Не прифаќа кандидат за експерт во ДИК

СДСМ со стратегија за одложување на изборите – два пати не прифати предложен кандидат Албанец за експерт во ДИК. Разговорите за избор на експерти – членови на Државната изборна комисија (ДИК) се прекинати, од како претставниците на четирите политички партии не постигнале договор за експерт Албанец.

СДСМ два пати не прифати предложен кандидат Албанец, брифираат денеска од ВМРО-ДПМНЕ.

Целта, според владејачката партија, е одложување на априлските избори што веќе е јавно посочено синоќа на трибина на лидерот на ЛДП Горан Милевски во Велес.

ВМРО-ДПМНЕ, како што беше посочено, прифатил двајца екперти предложени од СДСМ од листата на шестмина селектиран од 40-те пријавени на огласот. Но, за СДСМ, како што посочуваат, биле неприфатливи предлозите на ДУИ и ДПА.

СДСМ најпрво го одбиле првиот предлог на албанските партии, а потоа и другиот и предложиле да биде објавен дополнителен оглас само за експерти Албанци.

Во сите случаи СДСМ ја одбиваше методологијата и бараше нова, брифираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според владејачката партија ова е тактика и стратегија за одложување на изборите. И покрај тоа што конечен договор не е постигнат, а разговрите се прекинати, за ВМРО-ДПМНЕ е важечки договорот за двајцата експерти Македонци.

Собранието нема да прифати експерти кои би биле предложени од странските посредници туку, како што беше посочено Парламентот ќе донесе одлука  врз база на суверено право добиено од народот.

Им благодариме за помошта, но има црвена линија која не може да биде помината, велат во владејачката партија.

Се прават обиди да се надмине оваа ситуација со поединечни средби меѓу претставниците на политичките партии.