СДСМ: УХМР не ги предупредува граѓаните за опасностите од дождот што врне втор ден

УХМР и надлежните институции повторно не дадоа никакво предупредување, ниту пак соопштија препораки за евентуални заштитни мерки за дождот што интензивно врне веќе втор ден, реагира СДСМ.

„Граѓаните немаат никакви информации колку литри дожд има наврнато на метар квадратен, каков е водостојот на речните корита, ниту дали има опасност од нови поплави во поплавените региони. Незамисливо е УХМР и директорот на оваа институција во еден ист ден, денеска, да излезат со две различни информации, посебно ако се земе предвид дека токму поради потфрлувањето на институциите на Скопје му се случија поплави со најмалку 23 жртви. Во утринската информација на УХМР, потпишана од директорот Оливер Ромевски нема никакво предупредување за опасност од врнежите! Но на друг дел од веб-страницата на УХМР, на мапа, пелагонискиот регион е обоен со портокалова боја, што означува особена опасност“, се наведува во соопштението од СДСМ.

Опозицијата прашува зошто Ромевски и УХМР ги оставаат граѓаните да толкуваат мапи.

„Поради ненавременото информирање и предупредување од страна на УХМР и надлежните институции пред еден месец, граѓаните се уште не можат да си го вратат животот во нормала. Исплива неспособноста и неодговорноста на власта на Никола Груевски и Коце Трајановски. Заради сето ова, одговорност мора да има и ќе има. По 11 декември доаѓа одговорна Влада со функционални институции на којашто врвен приоритет ќе и бидат потребите на граѓаните на Македонија“, порачува опозицијата.