СДСМ уште во 2002-ра година вети враќање на ДДВ, па заборави

Мерката поврат на ДДВ на граѓаните во висина од 15 отсто, која социјалдемократите ја впишаа во новата програма „Решенија за Македонија“, е мерка што исто така ја предвидоа и претходниците на новото раководство на СДСМ во 2002 година, пренесува „Дневник“.

Во тогашната изборна програма на СДСМ предводен од Бранко Црвенковски во делот на економски реформи е наведено дека „владата на СДСМ преку реформа на даночната политика ќе обезбеди… донесување закон за враќање на дел од платениот ДДВ на потрошувачите што ги доставуваат сметките до Управата за јавни приходи за да се спречи сивата економија (која, според некои аналитичари, изнесува 50 отсто)“.

Значи мерката што неодамна беше промовирана, всушност, е мерка што СДСМ веќе требало да ја спроведе до 2006 година. По единаесет години од првата промоција на оваа мерка, новиот лидер на СДСМ, Зоран Заев, ја впиша неа во надградената „Решенија за Македонија“, на која работеле 60 надворешни соработници, и ја најави како новитет ако СДСМ ја преземе власта. Прашањето е зошто СДСМ, всушност, не ја спровел мерката во периодот од 2002 до 2006 година, па сега одново да ни ја промовира. И ако тогаш не ја спровеле, зошто сега би требало граѓаните да веруваат дека ќе ја спроведат. Дополнително што во тимот што стои зад програмата од 2002 година биле и Радмила Шекеринска и Игор Ивановски.

Во периодот од 2002 до 2006 година министри за финансии на владата на СДСМ беа Петар Гошев и Никола Поповски. Гошев, кој седеше во министерската фотелја од ноември 2002 до ноември 2003 година, вели дека неговиот мандат поминал во санирањето на огромната наследена дупка во буџетот.

„Тоа беше време на консолидација на големите буџетски дупки направени во претходните години, па немаше многу простор да се спроведува предизборната програма. Во 2001 година буџетскиот дефицит беше 7-8 отсто од домашниот бруто-производ, а веќе во следната година беше намален на 5,7 отсто. За една година моравме да го скратиме буџетскиот дефицит за цели 300 милиони евра, а тогаш тој износ вредеше многу повеќе отколку сега. Во тоа време немаше големи можности за надворешно финансирање затоа што ММФ, Светската банка и ЕБОР водеа координирана политика дека не смееме многу да се задолжуваме и беа многу построги по ова прашање отколку сега“, рече, за „Дневник“, Гошев.

Тој појаснува дека една од позначајните мерки што тогаш ги презеле е укинувањето на данокот на финансиските трансакции, т.н. воен данок, кој како што вели, го задушувал стопанството, а со тоа давачките на фирмите кон државата биле намалени за 100 милиони евра. Вчера, и покрај неколкуте повици и испратени пораки, весникот не успеа да го добие и поранешниот министер Поповски за да одговори зошто не беше исполнета оваа мерка од предизборната програма со која партијата ја освои власта во 2002 година.

Инаку, тогашната власт предводена од Црвенковски, во коалиција со ЛДП и ДУИ, исто така предвиде и проширување на опфатот на стоките со повластена даночна стапка од 5 проценти на ДДВ (како позитивна социјална мерка) со едновремено зголемување на учеството на директните даноци во буџетот, како компензација за намалување на приходите по оваа основа. Но, нивната влада тогаш го стори обратното, односно го зголеми обемот на стоки за кои се плаќа поголема даночна стапка.

„СДСМ ја укина повластената стапка од 5 проценти и ја зголеми на 18 проценти за алкохол и безалкохолни пијалаци, промет на станови, лекови и ортопедски помагала, медицински потрошен материјал, енергенти, електрична енергија, огревно дрво… Имаме огромна лепеза производи и услуги за кои од 2006 година оваа Влада константно ги намалува даночните стапки“, изјави неодамна вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски.