СДСМ веќе не постои, Заев го погреба

Реизборот на Зоран Заев за шеф на опозоциската СДСМ, за колумнистот Ивор Мицковски, познат поддржувач на старото крило на социјалдемократите, наликува на промените на номенклатурите во болшевички Кремљ.

Во неговата последна колумна напишана за проопозицискиот портал „Окно.мк“, тој вели дека конгресот во неделата на кој се гласаше довербата на актуелното раководство на СДСМ, всушност претставува погреб на партијата.

„Да, СДСМ повеќе не постои, затоа што не е доволно да постои макар и една упропастена структура, ако таа ги погазила и се откажала од својот идентитет и политика, таа повеќе не е партијата што била“, пишува Мицковски.

Според него конгресот бил само маскерада, за да се покрие јавното убиство на поранешниот лидер, Бранко Црвенковски. Тој јавно повикува за морална одговорност за „пустошот во СДСМ“ и штетата што и е нанесена на партијата, прашувајки, дали сето тоа е вредно само за да се задржи лидерската позоција.

„Зарем, Заев кој е само политички лост на милионерскиот струмички клан од Муртино, кој живее и опстојува благодарение на непотизам и тендери, кој нема три чисти со национална политика, ќе ја спаси Македонија од Груевски?! Или Шекеринска, снобот кој пере пари преку кирии, метеората која од политичар со европска димензија, се потврди како најголем уништувач и сплеткар на СДСМ, денес, само е рурална марионетка на Заев?! И толку е од СДСМ. Мислите дека некој друг во таа партија има право на збор и став?! Се обидоа со Пендаровски да глумат некаков си триумвират, кога видоа дека станува опасен го дистанцираа. Секаде наместија, од листи до кабинети, тотални анонимуси и климоглавци, луѓе кои ниту знаат, ниту можат да ги загрозат“, пишува Мицковски.

Тој го посочува Заев и како голем лажго. Вели: „Лажеше дека отпорот бил убиен од Црвенковски и странците, кога всушност правеше заговор заедно со Шекеринска. Лаже дека немал контакти и комуникација со Груевски, како што лажеше и за Тачи, како што впрочем и тој и Шекеринска, кој со Протогер, кој со странците, работеа против СДСМ и Црвенковски. Лажеше дека работи на единство, кога ја подели целата партија и избрка или одалечи сѐ што е квалитетно. Лажеше дека добивал закани, лажеше дека претходно опозицијата не вадела афери, пласираше глупави тези дека ако не го изберат за лидер власта ќе го апсела. Демонстрираа несфатлива, невидена и невкусна омраза за една партија која се нарекува демократска, кон поранешните раководства и кон неистомислениците. Конечно, Заев ги пушти своите вазалски кучиња не само да плукаат по неистомислениците, туку и да си дозволат да клоцаат по Црвенковски, да го оцрнуваат како вмровец или во дослух со Латас“, пишува Мицковски.

Во својата прилично опсежна анализа за ликот и делото на Заев, колумнистот жали што „новата“ СДСМ ја уништила можноста „да се изберат различни цели од оние што ги нуди режимот“.

Мицковски наведува дека денеска опозицијата глуми опозиција и слободарска обединетост додека секој ден станува сѐ повеќе поделена и подалечна, и некои сѐ повеќе лично профитираат.

„Ние сме обична глума, ние сме имитатори, невидени комформисти, и случајот со опозицијата е само најеклатантниот пример. И денес дури и најголемите декларирани демократи не можат да прифатат различни или ривални поимања на политичките идеи и проекти, не можат да прифатат различни политички концепти кои се во контраст помеѓу себе. И пак не разбираат дека без таа различност, принципите и вредностите, пак, не значат ништо“, пишува тој во својата колумна насловена „Погребот на СДСМ“.