СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ шири паника за пожарите

ВМРО-ДПМНЕ да престане неосновано да шири паника, случајот во Љуботен не е поврзан со пожарите, институциите активно работат на терен, реагираше во неделата владејачката СДСМ.

„Во недостиг од идеи и без капацитет да ја надмине матрицата на криминалниот врв, ВМРО-ДПМНЕ очајнички се обидува да шири паника помеѓу граѓаните, целосно неосновано, без аргументи и со измислување на настани што немаат никаква врска со реалноста. Согласно информациите на државните институции, случајот во Љуботен не е поврзан со пожарите. Ваквото несериозно и неодговорно однесување на ВМРО-ДПМНЕ е скандалозно и нечесно кон граѓаните и државата. Надлежните институции заедно со сите ангажирани лица на терен прават се за нормализирање на состојбата и санирање на штетите од пожарите, за коишто, за дел од нив, постојат индиции дека се подметнати“, се вели во партиското соопштение.

СДСМ на обвинувањата од опозицијата дека владата предводена од нивната партија предоцна реагирала на пожарите со што дозволила да дојде до уништување на домови па и човечка жртва, тврдат дека се преземени „сите неопходни мерки “за локализирање и гаснење на пожарите, како и превенција од нивна повторна појава.

„ВМРО-ДПМНЕ треба да ја надмине идејата за личен и партиски профит на која одамна е навикнато, да почне да се однесува сериозно и одговорно и да престане неосновано да шири паника. Нема потреба од паника и лажни вести, граѓаните треба да бидат смирени, институциите работат на гаснење на пожарите и санирање на штетите“, порачуваат од СДСМ.