СДСМ: Воведувањето на евтината тарифа нема да ја поскапи струјата

ВМРО-ДПМНЕ лаже дека струјата ќе поскапи за една година и со лажни вести повторно се обидува да ги манипулира граѓаните. Воведувањето на евтината тарифа нема да ја поскапи струјата, тврдат од владејчакиот СДСМ.

Според нив, бидејќи цената на струјата зависи и од берзанскиот дел на фомирање, што значи дека зависи и од тенденциите на светско ниво, јасно е дека до 1 јули, идната година нема да има никаква корекција на цената на струјата. Што, како што се толкува во ракцијата на СДСМ, значи дека во следните единаесет месеци нема да има никакви очекувања дека цената ќе расте.

„Со ваквите лаги што ги пласира станува очигледно дека ВМРО-ДПМНЕ е против воведување на евтина дневна тарифа на струјата којашто ќе овозможи заштеди и пониски сметки за струја на граѓаните. Апсурдна е позицијата на ВМРО-ДПМНЕ да биде против можноста граѓаните да заштедат и да ги намалат сметките за струја. Кога ВМРО-ДПМНЕ зборува за некакво поскапување на струјата треба да каже зошто изминативе 11 години додека тие беа власт, цената на струјата поскапе за цели 100 отсто“, се вели во реакцијата.

Се истакнува дека владата предводена од СДСМ „ја враќа во реализација евтината дневна тарифа на струјата што ВМРО-ДПМНЕ ја укина, а граѓаните ќе имаат вистинска можност да заштедат на крајната цена што ја плаќаат за струја и ниту една манипулација на ВМРО-ДПМНЕ не може тоа да го смени“.