СДСМ информира дека веќе има изготвено закон за заштита на зеленилото и за зголемување на процентот на зеленилото во градовите и оти веднаш по формирањето на новото парламентарно мнозинство ќе го пуштат во собраниска процедура на усвојување.
– Површините планирани во Генерален урбанистички план и во Детален урбанистички план, со намена зеленило, спорт и рекреација нема да може да се пренаменуваат во што било друго. Во градежните парцели наменети за станбени куќи и станбени згради процентот на зеленило ќе го зголемиме од 30 проценти, на минимум 40 проценти. На сметка на тоа ќе биде намален процентот кој е предвиден за градење во парцела, од 70 проценти на максимум 60 проценти, рече претседателот на Комисијата за транспорт и врски на СДСМ Благој Бочварски.
На ваков начин, рече, ќе се заштитат зеленилата како клучен фактор за заштита на здравјето на граѓаните.
– Во Македонија досега се правеа урбанистички планови за бизнис интереси на криминалната власт на ВМРО ДПМНЕ, без да се води грижа за хуманото живеење. Исекоа многу паркови. Уништија многу зелени површини за непотребни градби, што немаат никаков приднес за развој на градовите. На тој начин е нарушена циркулацијата на воздухот. Тоа е и една од причините зошто Скопје е во првите три најзагадени градови градови во Европа, а на врвот по зададување на воздухот се и Тетово и Битола, рече Бочваров.
Додаде дека во периодот што доаѓа сите граѓани ќе ги почувствуваат промените што, ккао што потенцира, ги избрале и што веќе се случуваат во нашата држава.