Колумни

СДСМ Законска

СДСМ Законска

Најпрвин беше тендерот на таткото и на чичкото на Зоран Заев. Онака лефтерно, ВМРО-ДПМНЕ го пушти во јавност. Прес-конференција, обвинување, презентација на документот. Ништо повеќе. Одговорот од СДСМ беше дека немало ништо незаконски во тоа. Во ред. Ама никој и не ги праша за тоа. Оти сигналот беше поинаков. Ако Заев стане премиер на Република Македонија, дали владините тендери законски ќе ги добива неговиот татко? В недела се изборите во Германија. Можете ли да замислите како Ангела Меркел би поминала ако се појават документи дека набавките во институциите на нејзината влада оделе преку компании на нејзините родители? Или, зар не може тоалетната хартија во Белата куќа да ја набавува некој роднина на Обама? Колку да му се најде некоја провизија на човекот. Не може, нели? Зошто?

Приказната имаше и уште една порака. Зар до таму дојде работата, па на фамилијата Заев ч се потребни тендери со детски градинки? Или станува збор за обична лакомост. Да се земе. При сето богатство, при сите други бизниси, при кривична пријава за „Глобал”, од која Зоран го спасуваше Бранко Црвенковски, на Заеви им дошло до парите од киселината за чистење во градинките? Или дури сега станува јасно дека онаа негова изјава во Валандово, дека ќе јадат живи луѓе, дека ќе ги избркаат сите вмровци, од курир, па нагоре, дека ќе впрегнат с’ што можат во сопствена и во полза на партијата и не се обичен гаф?

А одговор на СДСМ беше дека во тоа нема ништо незаконско. Интелигентна замисла.

Потоа следуваше акцијата „Шпион”. Првата реакција на СДСМ беше дека тоа е нов терор на режимот. Не виделе никакви докази, немаа поим за што суштински станува збор во приказната, ама тие знаеја дека тоа е терор. Функционирање на државата? Не, нема врска. Терор. И влегоа во приказната на грчката влада за случајот пласирана преку „Катимерини”. Алал вера. Стратегија вредна за одбележување. И лекција за тоа како оние што сакаат да му помогнат на Груевски треба да се однесуваат. Само што не веруваме дека идејата на Заев беше таа. Тогаш каде е проблемот на СДСМ?

Во меѓувреме, додека јавноста се забавуваше со детали од акцијата, вмровците продолжија да го мелат Заев. Па се појави неговиот брат. А одговорот беше дека тој станал косопственик во фирмата шест месеци подоцна. Фино. Вмровците понекогаш знаат да се лизнат на кора од банана. Но, од друга страна, може да држи вода приказната дека братот онака од небо станал косопственик во фирма, која добила тендер или тендери од институција на општината со која раководи другиот брат? И тоа ни помалку ни повеќе, туку најуспешниот градоначалник на светот. Освен оној на Њујорк, кој нема татковци, мајки, браќа, тетки и стрини. Затоа и нема афери. Значи, нова генијалност за добивање симпатии кај гласачите и за поправање на рејтингот на СДСМ. Оној што не може да се види поради списоците за избори што не ги прочистил Борис Кондарко. Од СДСМ. И оној рејтинг, кој не може да се види поради Пустец, кој има помалку жители од која било скопска поголема улица. Заедно со сите пустечки дрвја до кои вмровците не можат да стигнат за да ги исечат, па социјалдемократите нема потреба да ги бранат. Со жив штит. Пустец, поради кој СДСМ сега сака да ви тропне на врата за да провереле луѓето кој с’ ви седи дома. Наместо да се обидат да ви дојдат на кафе и на муабет, тие би ви ѕиркале по плакарите. Да не криете некого, што може да биде прилично интересно. Посебно за тие што често патуваат.

Во меѓувреме, додека СДСМ смислуваше колку е законски татко ти да добие тендер, а се’ да биде потаман, Груевски ги собра на едно место македонските бизнисмени. Оние што ја тресат државата. Од кои зависи колку леб ќе јадете месецов. Од кои се жалат и Америка и Русија. Го преплавуваат нивниот пазар со македонски производи, па нема каде да се продаваат нивните. И влегоа земјиве во криза поради македонските бизнисмени, кои, наместо да бидат пофалени, дочекаа Груевски да ги кара како мали деца. Што е бесрамно. Ама треба и него да го разбереме. Оти потоа Американците и Русите него го караат. И му прават политички притисок. А ние, ете, со години се мислевме зошто дувал таков ветер.

Одговор од СДСМ за ова? Нема. Уште го смислуваат. Како и програмата што уште ја пишуваат. И во која ќе мора да има економски мерки за зауздување на продорот на македонските бизнисмени во светот и во која ќе мора да стои дека државен функционер може да игра при тендери со фирми на своите роднини. Колку да биде фер кажано.

И додека тие се мислат, ВМРО веќе ја „пушти” и снаата на Заев. И нејзе требало да ч се помогне. И кој ќе каже збор против тоа, е приврзаник на теророт. И на антидемократијата. Оти луѓе сме. Во неволја треба да си помагаме.

И сега, на една страна, ја имаме партијата што ги објави таткото, братот, снаата и кој уште не од семејството Заев. И партија што вели дека тоа било така, ама било законски. Па имаме една владина структура што ја спроведе „Шпион”. И партија што на тоа одговора со зборот терор. И имаме влез на кинески кредит, два автопата, пет отсто плус плати и пензии, пораст на БДП и помала невработеност. Со Грција и со Шпанија имаме трка во промили. И опонент што молчи. И после некому му е чудно што резултатите на изборите се такви какви што се. И виновни се сите, па дури и странците. Само не тие.