СДСМ: Заврши времето на притисоци врз судиите

Заврши времето кога ВМРО-ДПМНЕ вршеше притисоци врз судството, реформите носат професионално и независно правосудство, се вели во реакцијата на СДСМ на изјавата на Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ, пој претходно во понеделникот го обвини Специјалното јавно обвинителство (СЈО) за политички прогон на опозицијата по нарачка на власта.

„ВМРО-ДПМНЕ 11 години го партизираше судството, а преку ‘Сваровски’ инсталациите од тефтерот на Гордана Јанкулоска, го злоупотребуваше правосудниот систем да врши прогон и да се пресметува со неистомислениците на Никола Груевски и неговите соработници.

Денес кога раководството на ВМРО-ДПМНЕ се соочува со одговорноста за сето она што им го направи на граѓаните и државата, ВМРО-ДПМНЕ во страв и очај продолжува преку секојдневни прес-конференции пред правосудните институции да врши притисок и да се заканува на судии и обвинители.

Заврши времето кога ВМРО-ДПМНЕ вршеше притисок врз судиите и нарачауваше судски предмети и пресуди. Реформите во судството кои ќе се спроведуваат согласно најдобрите европски пракси, носат професионално и независно судство и го враќаат угледот на судството што ВМРО-ДПМНЕ го наруши. Македонија ќе биде правна држава, а секој оној кој направил какво било криминално дело ќе понесе одговорност, без разлика на неговата етничка, религиозна, партиска и каква било припадност“, се вели во соопштението на СДСМ.