Се асфалтираат улиците Џемал Бједиќ и Вита Поп – Јорданова во Штип

Се асфалтираат улиците Џемал Бједиќ и Вита Поп – Јорданова во Штип – Веќе се работи на улицата Сремски фронт.

Општина Штип денес започна со асфалтирање на две улици, Вита Поп-Јорданова и Џемал Бједиќ а во текот на неделата се очекува асфалт и на улицата Сремски Фронт.

За улицата Џемал Бједиќ се издвоени 950.000 денари додека за Вита Поп Јорданова 1.8 милиона денари. Половина од оваа улица добива асфалт а на другата половина ќе бидат прередени коцките како траен и квалитетен материјал.

– Завршени се подготвителните работи за асфалтирање и на улицата Сремски фронт од кружниот тек кај некогашен Базалт па се до спојот во населбата Дузлак и Баби. Отстранет е стариот слој на асфалт и се очекува набрзо во рок од неколку дена да се асфалтира и оваа улица. Ова е една од подолгите и поглавни сообраќајници во градот. Ќе се асфалтираат околу 1.5 километри, а сообраќајницата е со широчина од 7 метри. Асфалтирањето, според тендерската постапка ќе го врши фирмата „Ескаватори МК“ од Скопје која понудила најниска цена за улицата од 4.4 милиона денари – изјави Драган Ристов, советник за односи со јавност на Општина Штип.

Ова ќе биде четврто асфалтирање на улица за овој месец, а до крајот на мај е предвидено асфалтирање на уште две улици, Славчо Стојменски и Карлс Маркс. Сезоната беше отворена пред две недели со асфалтирањето на улицата Маршал Тито во центарот на градот. Вкупната сума за реконструкција и асфалтирање низ Штип за овој месец изнесува околу 8.5 милиона денари.