Се бара амбасадор за Канада, над 500 апликации за раководни позиции од огласот

Кон мега објавениот оглас на Владата за раководни позиции се отвора уште една, амбасадорско место во Канада, пишува Курир. Владата воедно е задоволна од досегашниот интерес за огласот, а како што посочи владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев се бараат квалитетни луѓе кои чувствуваат дека се способни да раководат со некоја од државните институции.

Ние сме задоволни од одзивот којшто е на огласот. Од вчера е предвидена и нова позиција за амбасадорско место во Отава, Канада. Апелираме оние коишто се чувствуваат способни и квалитетни, во наредните 7 дена да искористат можност и да конкурираат за апликација за раководење со оваа позиција. Инаку, досега има над 500 апликации од квалитетни, способни лица. Во најголем број се за позициите државен секретар во министерствата, но има и за директор на агенцијата за вработување, за директор на спортската сала „Борис Трајковски“, за поголем број на позиции од областа на транспортот и врските, истакна Ѓорѓиев.

Тој уште еднаш апелираше сите оние коишто се квалитетни и способни, имаат волја и чувствуваат дека можат да раководат со определена државна позиција да ја искористат можноста и да се стекнат со право да бидат избрани да раководат со реформите и со институциите.

Огласот кој е објавен во дневните весници и кој ќе трае до 30 јуни, се однесува за 159 раководни позиции во државната управа меѓу кои пет амбасадорски места, осум воени аташеа, 15 позиции на државни секретари во министерствата, над 20 директорски места на централни и државни органи, како и дваесетина позиции на директори на научни установи. Распишан е и оглас за над 220 членови на управни и надзорни одбори.

Подетални информации за аплицирањето на огласот можат да се најдат на веб страницата на Владата.