Се бара инвеститор за изградба на две катни гаражи во Клинички центар

Министерството за здравство повторно објави повик за воспоставување на јавно – приватно партнерство за изградба на две катни гаражи во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје. Избраниот инвеститор ќе ја добие можноста да управува со овие објекти во временски период од 35 години, а за возврат ќе треба да инвестира во нивното проектирање, финансирање, изградба, стопанисување и трансфер по изминатиот концесиски период. Врз основа на проценките на надлежното министерство, реализацијата на двете катни гаражи ќе чини 1.201.974.573 денари или околу 19,5 милиони евра, без вклучен ДДВ.

Двете катни гаражи со приземје и седум ката е предвидено да имаат капацитет од 2.500 паркинг места, при што истите ќе треба да го опслужуваат новиот централен клинички блок во Клиничкиот центар и преостанатите објекти од овој комплекс, пишува потралот Билд.мк.

Првото здание ќе се гради на празниот простор помеѓу Инфективната клиника и Фармацевскиот факултет, додека второто ќе никне на местото на постоечкиот Институт за туберкулоза, кој пак ќе биде преселен во новиот Клинички центар.
Заинтересираните субјекти за учество во јавно – приватното партнерство ќе треба да ги достават своите понуди најдоцна до 15 јануари 2015 година.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.