Се бара консултант за изработка на основен проект за железничката пруга кон Бугарија

Делегацијата на ЕУ го одобри предлог-проектот за изработка на основниот проект за делницата Крива Паланка-Деве Баир со средства од инструментот ИПА во висина од 3,5 милиони евра, известија од Министерството за транспорт и врски.

Веќе е распишан јавен повик за избор на консултант кој ќе треба да го изработи основниот проект за оваа делница со што ќе се заокружи целиот проект за железничкиот Коридор 8, односно железничката пруга кон Бугарија.
Рокот за пријавување за консултант е до 20 ноември годинава.

Според првичните проценки, изградбата на оваа пруга ќе чини 330 милиони евра и треба да заврши кон крајот на 2021 година. Но точната сума ќе се знае по изработката на основниот проект.

На терен веќе се гради првата железничката делница од оваа пруга, на делот од Куманово до Бељаковце во должина од 31км. Според договорот со компанијата „Вибе“ изградбата на оваа делница ќе чини 39 милиони евра а се планира да заврши во третиот квартал на 2016 година.

За втората делница од Бељаковце до Крива Паланка потпишан е договорот за изработка на основниот проект по што до 2015 година треба да биде избрана и компанијата која ќе ги извршува градежните активности на овој потег. Компанијата „Обермаер Хелас ЛТД“ која го доби тендерот за изработка на основниот проект има обврска во рок од 24 месеци да ја изготви целосона проектната докумантација.  Градежните работи ќе започнат во првиот квартал од 2016 година.

„Инвестицијата за изградба на оваа делница (Бељаковце – Крива Паланка) ќе чини 145 милиони евра за што преговорите со ЕБОР се финализирани и се очекува да се потпише Договор за заем меѓу Министерството за финансии и ЕБОР. Должината на оваа делница е 34 километри. За последниот трет дел на Коридор 8 – Исток од Крива Паланка до Деве Баир на бугарската граница, долг 23,4 километри, од страна на Европската Унија се алоцирани 3.5 милиони евра, средства кои претставуваат грант од ИПА компонентата за регионален развој во рамките на Оперативната програма за регионален развој. Стратешка определба на Владата на е финализирање на оската исток-запад на нејзина територија, односно железничкиот дел од Коридорот 8, кој е заеднички приоритет за сите земји од регионот за поврзување транспортните текови од Јадранското и Јонското Море со оние од Црното Море“, изјави Кире Коцевски, советник за односи со јавност во Министерството за транспорт и врски.