Се бараат лекари кои ќе даваат совети по телефон

Министерството за здравство, во рамки на програмата „Здравје за сите“ почна со подготовки за реализација на проектот „Телефонска линија за медицински совети – Ало Докторе!”.

 За  огласот за изразување интерес на доктори кои ќе работат во новоформираниот повикувачки центар, објавен на 5 август, досега пристигнале девет апликации. Огласот е отворен до  20 август.

Согласно критериумите, докторите треба да имаат најмалку 10годишно работно искуство како доктори-специјалисти. На конкурсот може да аплицираат доктори кои се вработени во јавни или приватни здравствени установи, како и невработени или пензионирани доктори. Работата во повикувачкиот центар за докторите кои се во работен однос, ќе се одвива вон работното време.

Повикувачкиот центар ќе почне со работа од 15 септември и ќе обезбедува советодавни здравствени услуги, односно консултации и упатства за граѓаните при појава на сипмтоми за кои не е неопходен итен медицински третман (главоболка, настинка, покачена телесна температура, и сл.).

Телефонската линија ќе биде достапна 7 дена во неделата, по 24 часа, со цел да овозможиме непосредна медицинска консултација за граѓаните во моментот на појава на било какви симптоми на нарушување на здравјето, а воедно докторите ќе даваат медицински консултации и совети за правилна употреба на лековите, со акцент на лековите од ОТЦ-листата кои се достапни во продажба во супермаркетите и бензинските станици.

 

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.