Се бараат софтверски решенија за подобар градски превоз

Индивидуалци, тимови и стартапи со познавања од развој и дизајн на софтвер ќе креираат иновативни софтверски решенија за подобрување на услугите во јавниот градски превоз во Скопје со учество на натпревари „Паметна автобуска постојка“ и „Скопски автобуски хакатон“.

Повиците за напреварите ги распиша Фондот за иновации и технолошки развој во соработка со Министерството за образование и наука, Град Скопје и ЈСП Скопје и се отворени до 15 следниот месец.

Целта е промоција на иновациската дејност, поттикнување на соработката помеѓу научно-истражувачките, високо-образовните институции и бизнис секторот, како и промоција на лабораториите на факултетите.

На хакатонот ќе се изработува иновативно софтверско решение за зголемување на задоволството од користење на јавниот градски транспорт во Скопје, преку оптимизација на бројот на патници во автобусите на линиите 2, 5, 19, 22 и 57. На натпреварот „Паметна автобуска постојка“, пак, треба да се креира идејно решение  за автобуската постојка на ул. „Димитрие Чуповски“ бб (рекорд-Центар).

Идејните решенија што ќе бидат претселектирани во процесот на избор ќе бидат дел од стручни менторски тимкови, кои ќе им обезбедат поддршка да направат прототип – 3 Д модел  кој  понатаму ќе биде развиен во готово решение  и ќе може да биде  применет. Финалниот натпревар и доделување на наградите ќе се одржи на 3 декември годинава.

– На натпреварот со прототип ќе бидат промовирани лабораториите на Машински факултет и на ФИНКИ. Идејата е овие факултети  да соработуваат со сите бизниси, со сите стартпати и да најдат заеднички модел се што се воведува како истражување кое се врши во рамки на факултетите да се примени во пракса или нешто  што се прави во бизнис заедницата да може да се примени преку факултетите во пракса, рече на прес-конференција Јасмина Поповска, директор на Фондот за иновации и технолошки развој.

Според директорот на ЈСП Скопје Игор Јанушев, се планира да се искористат добиените нови податоци по воведувањето на системите за автоматска локација на возила и електронска наплата во автобусите. Целта, посочи, е да можеме да ги оптимизираме линиите, дали е доволен бројот на автобуси,  дали имаме  многу или малку патници, дали треба да се зголеми или намали фрекфенцијата  на автобуси. Доколку  оптимизацијата се покаже како успешна на одбраните ударни линии ќе се преслика и на останатите линии во градскиот превоз.

– За паметната автобуска постојка треба да се добие решение со користење еколошки материјали и иновативни елементи. Поставивме 60-ина дисплеи кои во реално време даваат податоци за времето на тргнување и доаѓање на автобусите и сето тоа сакаме да го инкорпорираме во  паметна постојка која се надеваме на задоволство на сите патници во иднина ќе можеме да ја поставуваме и на останатите локации, истакна Јанушев.

Организацијата на натпреварите е поддржана од ФИНКИ, Машинскиот факултет од Скопје, Програмата за развој на ОН (УНДП), Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство од Скопје, Техничкиот факултет во Битола, Технолошкиот парки при Универзитетот на ЈИЕ, Факултетот за информатика од Штип и Факултетот за информатички науки и комуникациски технологии од Битола.