Се чистат свлечиштата на патот Истибања – Македонска Каменица

Магистралниот пат од селото Истибања до Македонска Каменица и понатму останува затворен за сообраќај.

Заменик директорот на ЈП „Македонија пат“-Штип , Кире Коцев вели дека свлечиштата се чистат, но од страна на сообраќаен инспектор има забрана за користење на овој пат, пренесува МИА.

-Нарушена е стабилноста на косините, инспекторот за патишта вчера направи решение за забрана и се додека не се стабилизираат косините од карпите кои што висат и се одвоени нема да биде пуштен патот во употреба. Веќе работиме на тоа, доаѓат стручњаци од Градежен факултет во Скопје и во најскоро време ќе се отпочне со чистење на тие опасни места. Опасните карпи ќе ги бутнеме и затоа ќе треба малку време, изјавил Коцев.

Додава дека во меѓувреме со машини, кои ги нарекуваат багери клукачи се отсрануваат карпите кои се покрај патот.

Коцев забележува дека жителите на Македонска Каменица и Делчево како алтернативен пат го користат патот од Виница преку Бигла, а тешките товарни возила мора да возат преку патот кон Берово.