Се чисти коритото на Ратевска река

По февруарските поплави почна чистењето на коритото на Ратевска Река. Според оперативниот план, до крајот на месецов е предвидено да бидат исчистени 2,5 километри од коритото, а активностите во Малешевијата ќе продолжат со чистење на горниот тек на реката Брегалница, објави  МИА.

– Коритото на Ратевска Река е многу стеснето и на повеќе места имаше поплавени обработливи површини и ливади. Ова е прва акција за чистење на речното корито во последниве дваесетина години. Со материјалот што го вадиме од корито се градат насипи од двете страни на водотекот на реката, вели Атанас Атанасовски, директор на „Водостопанство“ – Берово.

Тој информира дека во Браната на Ратевска Река над Берово до сега има акумулирано над 9 милиони кубни метри вода со која може да се наводнуваат 520 хектари, но интересот кај индивидуалните земјоделци за наводнување на површините е сосем мал, меѓу другото и поради висината на надоместокот, што изнесува 1.000 денари за декар.

Средствата за чистење на речното корито на Ратевска Река се обезбедени од Владата на Република Македонија.