Се чисти отпадот од дното на Охридското Езеро

Нуркачите од Клубот за подводни активности од Охрид денеска ја започнаа акцијата за чистење на дното на Охридското Езеро од цврст отпад.

15-на нуркачи во четири етапи ќе го чистат дното на езерото во крајбрежниот појас на потегот од Градското пристаниште до црквата Свети Јован Канео.

– Не можеме да го извадиме сиот цврст отпад од дното на езерото, оттаму ќе делуваме на свеста на граѓаните да не фрлаат отпад во Охридското Езеро, изјавил Милутин Секуловски – Миќо, професионален нуркач – меѓународен инструктор.

Секуловски истакнал дека сите досегашни кампањи за одржување на чистотата на езерото вродуваат со плод, односно секоја година се помалку отпад има во езерото.

– Она што би сакал да го истакнам е фактот што најголем виновник за загадувањето на езерото со цврст отпад се реките од сливот на Охридското Езеро. Сета пластика во езерото доаѓа токму од тие сливови, така што потребни се активности во насока на поставување зафати, мрежи, брани, што ќе спречат влез на отпадот во езерото, истакнал Секуловски.

Активностите за чистење на дното на Охридското Езеро од цврст отпад се реализираат веќе десетина години наназад, а оваа година акцијата се реализира со финансиска поддршка на охридската локална самоуправа.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.