Се доуредува транзитно – прифатниот центар во Табановце

Во транзитно-прифатниот центар Табановце денеска завршуваат дел од активностите за негово доуредување и докомплетирање. Деновиве поставени се нови 13 икеа модул куќички наменети за одмор на ранливите категории, мајки со деца и дополнителни четири контејнери наменети за потребите на администрацијата.

Забрзано се доопремува и објектот наменет за топла кујна, завршена е кровната изолација, а внатре екипи на Црвениот крст ја доопремува со потребните кујнски апарати. Овој објект располага со површина од 200 метри квадратни, при што топли оброци можат да добијат 120 лица истовремено.

Во сите новопоставени објекти завршени се четири фази на поставување на електрична енергија, информираше денеска раководителот на РЦУК Куманово и координатор на центарот, Горан Стојановски.

Надворешното каблирање согласно динамиката на поставените објекти е завршено. Следува каблирање на агрегатите кои ќе можат да се вклучат во недостаток на електрична енергија, располагаме со пет агрегати кои до крајот на неделава комплетно ќе бидат инсталирани, изјави Стојановски.

Тој нагласи дека не станува збор за проширување на кампот, туку исклучиво за дополнување со сите содржани.

Очекуваме дополнителни 23 контејнери од ИОМ, кои треба да пристигнат утре. Во моментов се работи на поставување на дополнителни тоалети по пет за мажи и жени, планирано е поставување дополнителни тоалети наменети за административниот дел, изјави Стојановски.

Екипите на Црвен Крст постојано се на терен и подготвени се да пружат помош на беглаците, пренесе МИА.

Вчера, околу 17 часот пристигнал еден воз со приближно 560 мигранти на кои им поделена помош во храна, облека, кабаници, а на здравствени проблеми пред се настински се пожалиле осумина бегалци, информираше Игор Јордановски од Црвен Крст.

На транзитно-прифатниот центар Табановце, денеска, според информациите на надлежните не пристигнал ниту еден воз со мигранти.

Во транзитно-прифатниот центар Табановце во моментов престојуваат единаесет економски мигранти од Сомалија, кои,според најавите на надлежните, ќе бидат префрлени со воз на јужната граница. Транзитно-прифатниот центар Табановце располага со приближно 50 објекти, три големи шатори, со 250 квадрати, тоалети.Просторот е ограден и поделен на три дела за мигрантите и бегалците, за екипите на невладиниот сектор и за администрацијата.