Спорт

Се е подготвено за скопското финале во Купот на Македонија

Се е подготвено за скопското финале во Купот на Македонија

Едно е сигурно, победничкиот пехар ќе остане во Скопје, но каде ќе заврши, дали кај фудбалерите на Работнички или кај тие на Металург, ќе дознаеме денеска, откако ќе биде одигран финалниот натпревар во Купот на Македонија.

За Металург ова е второ финале, а во досегашните учества имаат 100% ефект. Во 2011 година во финалето одиграно во Прилеп тие беа поуспешни од Тетекс со 2-0.

„Првенството се игра во текот на целата година. Ова е сосема поинаква средба и ваквите натревари имаат посебен шмек. Работнички е квалитетна екипа, за што најдобра потврда е таа дека се наоѓаат на лидерската позиција. Работат одлично со младите категории, но и ние сме на добар пат, со учеството на кадети и младинци минатата година и оваа сезона во финалињата. Двете екипи го заслужија финалето, бидејќи покажаа најмногу. Фудбалски празник. На ваквите средби се покажува квалитетот и големината на играчите,“ изјави пред натпреварот предводникот на Металург, Срѓан Захариевски.

Работнички пак ќе се обиде по трети пат во нивната историја да се закити со драгоцениот пехар од македонскиот фудбалски куп. Во 2008 година стигнаа до првиот пехар по победата од 2-0 против Милано. Пехарот беше одбранет и наредната сезона по подоброто изведување на пенали против Македонија Ѓорче Петров со 6-5.

„Во финалето секој игра со посебен мотив. Финалето е меч кој е предизвик за секој бидејќи само победникот останува запишан во историјата. Во моментов двете екипи играат одличен фудбал. Досега одигравме три натревари и немаме победа. Верувам дека истата ќе дојде во најбитната средба оваа година”, изјави тренерот на Работнички, Игор Ангеловски.

Финалниот натпревар се игра на националната арена “Филип Втори” со почеток во 20 часот, а влезот ќе биде слободен.