Македонија

Се формира национален регистар на загадувачи

Се формира национален регистар на загадувачи

Центарот за еколошка демократија „Флорозон“ од Скопје, Министерството за животна средина и Владата преку проектот „Право да знаеш-Веднаш!“ финансиски подржан од амбасадата на Кралството Норвешка во Белград денеска во Штип ја одржаа првата работилница со фирмите и општините за создавање националниот регистар на загадувачи, пренесува МИА.

Кирил Ристевски од Центарот за еколошка демократија „Фолорзон“-Скопје вели дека компаниите кои имаат А интегрирани дозволи, а во земјава во моментов се 145 од оваа година ќе доставуваат извештаи за видот и обемот на загадувањето, кои во електронска форма ќе бидат достапни за институциите, но и за граѓаните.

– Јавноста ќе има можност преку картографски приказ да има податоци каде се врши загадувањето на територијата на Република Македонија. Точно во кој предел, кој вид односно каков тип на загадување и каков третман се применува при производствените процеси за санација на животната средина, информира Ристовски.

Тој додаде дека од софтверската алатка бенефит ќе има Владата, индустријата и граѓаните, а формирањето на регистарот ќе значи и следење на меѓународните прописи и стандарди и законската легислатива на земјите од ЕУ.

Фирмите, но и општините кои денеска беа на првата работилница за формирање на националниот регистер на загадувачи велат дека конечно земјава ќе добие јасни податоци каде и кој колку го загадува воздухот, почвата и водите.

Градоначалникот на Општина Штип, Илчо Захариев вели дека општините се надлежни за издавање на Б интегрирани дозволи за фирмите, а со овој регистер ќе се знае која фирма врши загадување и што се применува при производствениот процес за да се заштити околината.

– Мислам дека кај нас знаеме кои се загадувачи, но често пати гледаме дека реката Брегалница добива чудна боја, во текот на поплавите река Отиња мирисаше на нафта, често воздухот има чудна миризба, така да ако ние ја зачуваме природата, водите, воздухот ќе имаме поквалитетен живот, рече Захариев.

Во Македонија во моментов развиено е мерењето на воздухот, два града се на листата на едни од најзагадените во Европа, а екологистите велат дека покрај регистарот во наредниот период државата треба да се насочи и кон мерење на загаденоста на почвата и водата.