Анализи

Шулц го продолжува трендот Се гасат ли светлата на европската левица?!

Се гасат ли светлата на европската левица?!

Наскоро, според сѐ судејќи, ќе се изгасат светлата во париската „Ру де Солферино“ на бројот 10, каде што се наоѓа седиштето на до неодамна владејачката француската Социјалистичка партија.

Импресивното париско здание на левиот брег од реката Сена, домот на француските социјалисти од почетокот на 1980-те години, мора да оди на продажба бидејќи партијата по тешкиот пораз на пролетните француски парламентарни избори, освен политичката се соочува и со финансиска криза. Социјалистичкиот претседателски кандидат Беноа Амон доби само 6,4 отсто од гласовите на априлските избори, останувајќи без поддршка во трката во којашто главните конкуренти му беа, од една страна, харизматичниот центрист актуелен претседател Емануел Макрон, а од друга страна радикалниот левичар Жан-Лук Меланшон.

Сега и Социјалдемократската партија на Германија (SPD), партија којашто ја води поранешниот претседател на Европскиот парламент, Мартин Шулц, имаат маки да остварат добар резултат на неделните парламентарни избори. Кога Шулц во јануари годинава го презема водството на партијата, на SPD ѝ се зголеми поддршката меѓу германските избирачи, но тоа беше кусотрајно.

Колку изборите се приближуваа, толку поддршката за социјалдемократите во анкетите тоне. Според испитувањето на јавното мнение коешто во вторникот го објави институтот Forsa, партијата SPD добива 23 отсто од гласовите, што е послабо од 25,5 отсто колку што забележаа на претходните парламентарни избори во 2013 година, а речиси е идентичен со историски нискиот резултат забележан на изборите во 2009 година.

И во другите земји во Европа, социјалдемократите се соочуваат со разочарувачки резултати, се наведува во анализата на германската новинска агенција DPA.

Холандската Лабуристичка партија (PvdA), претходно една од најсилните партии во земјата, освои на годинешните парламентарни избори помалку од 6 отсто од гласовите. Наспроти тоа, радикалната левица Социјалистичката партија го зазема испразнетиот простор меѓу холандските избирачи.

На грските социјалисти од ПАСОК, некогаш доминантната партија во земјата, поддршката им падна за повеќе од 6 отсто откако земјата западна во тешката финансиска криза. И ним избирачите им ги презема порадикалната левица, сегашната владејачка коалиција Сириза.

Само уште четири земји од западна Европа, Австрија, Италија, Португалија и Шведска, имаат влади кои ги водат социјалдемократите или, пак, партии од левиот центар, коишто со децении беа моќни играчи на политичките сцени, често и доминантни во владите на многуте европски демократии. Со солидната поддршка од работничката класа, тие минатите децении воспоставија она што се нарекува европски социјален модел, со пазарната економија но и со силна социјална држава.

Европскиот лев центар без двоумење бележи „тренд на остар пад“, оценува професорот на политички науки Патрик Диамонд од лондонскиот Универзитет Квин Мери. „Но сѐ уште не го знаеме одговорот на прашањето дали станува збор за цикличен тренд или за траен пад на поддршката“, вели професорот напомнувајќи дека поддршката порано се враќала откако бележела периоди на пад.

Она што очигледно се променило, истакнува Дајмонд, е фактот дека сега тие партии добиваат многу помалку поддршка во однос на 30 до 40 отсто, колку што освојувале во повоениот период. За тоа, според неговото менние, постојат и долгорочни и краткорочни причини.

 

Социјалдемократијата престана да биде гласот на промените

Традиционалната база на европската социјалдемократија, работничка клас, почна да се расточува од 50-те и 60-те години од минатиот век. Меѓутоа промената на класната структура на европските општества и крахот на етаблираниот партиски систем ги погоди и традиционално десните партии, па социјалдемократските партии сѐ уште во 1990-те години бележаа некакви успеси.

„Оттаму, не мислам дека можеме да заклучиме дека овие долгорочни трендови незаобиколно ќе исклучат победи на социјалдемократите“, наведува Диамонд.

Краткорочните причини имале, меѓутоа, многу поголемо влијание. „Глобалната финансиска криза, особено во земјите каде што левиот центар беше на власт, како Велика Британија, предизвикаа несомнено сериозно последици“, забележува лондонскиот професор. Партиите кои биле помали партнери во коалициите, како PvdA во Холандија, остварија, исто така, послаби резултати, истакнува Диамонд.

Некои социјалдемократи сметаат дека до слабеењето на социјалдемократијата доаѓа оттаму што го загубила својот правец. „Силите на социјалдемократијата беа во нејзината способност да биде глас на промените или глас на сиромашните, работничката класа, обесправените“, наведува Нил Варнер, активист на ирската Лабуристичка партија и потпретседател на движењето Млади европски социјалисти.

„Тоа се загуби кога социјалдемократијата стана глас на системот… Доколку социјалдемократијата сака да има иднина, ќе мора да ја врати својата способност да биде гласот на промените и еднаквоста“, смета Варнер.

Во многу социјалдемократски партии, можеби најпрепознатливо во Велика Британија под Тони Блер и во Германија под Герхард Шредер, периодот на преминот на векот донесе приближување на политиките коишто се понаклонети на пазарот. Тоа во тој период функционираше, но според Варнер, дојдено е времето оваа насока да се преиспита.

Тој укажува на релативниот успех кој го постигна португалската Социјалистичка партија, којашто како владејачка ги отфрли строгите мерки за штедење по финансиската криза, како и оној на британските лабуристи под водството на Џереми Корбин. Професорот Диамонд, пак, е малку поскептичен. Полевите изборни програми сигурно можат да добијат изборна поддршка, вели тој, „но се поставува прашањето може ли тоа да биде успешно имплементирано по освојувањето на власта“.