среда, 24 мај 2017  |  Вести денес: 0

Се градат фабрики во пет технолошко индустриски развојни зони

fabriki

Последни вести

Италијанската компанија Кондево во Штип, Гентерм и Акомпласт во Прилеп, Леар во Гостивар, ОДВ електрикс во Охрид и Струга, градат фабрики во моментов, а наскоро и Ван Хул ќе започне со изградба  на својата втора фабрика. Со овие инвестиции ќе се отворат над пет илјади нови работни места во Македонија.

Дополнително, американската автомобилска компанија КСС која ја заврши изградбата на фабриката во Кичево, веќе од наредниот месец треба да почне со производство, а во неа ќе се вработат 1.000 лица. Стотици работни места ќе се отворат и индиректно преку соработката на овие компании со домашни добавувачи, пишува МИА.

Италијанската компанија Кондево, лидер во производството на топлотни разменувачи за бојлери и добавувач на светски познатите производители на бојлери, треба да заврши со изградбата на фабриката во ТИРЗ Штип до април кога официјално ќе почне и со производство.Се работи за гринфилд инвестиција во вредност од над 40 милиони евра, со која ќе се отворат минимум 250 нови вработувања. Компанијата ќе ја применува најновата технологија во оваа област и ќе финансира во тренинг на своите вработени со цел да се обучат за производство на нивниот нов патент производ на светскиот пазар.

Во Технолошко индустриската развојна зона, пак, во Прилеп се градат две нови фабрики. Акомпласт ќе овозможи 150 нови вработувања за Прилеп и околината. Во објектот кој треба да биде завршен налето ќе се произведуваат делови за автомобили по најсовремена технологија кои ќе бидат наменети за европскиот пазар и големите автомобилски брендови како што се БМВ, Дајмлер, Ауди, Фолксваген, Мерцедес, Бентли и Јагуар.

Американски Гентерм ги интензивира активностите во зоната во Прилеп. Отворањето на фабриката Гентерм ќе отвори нови 2.000 директни вработувања, како и голем број индиректни вработувања преку можноста за соработка на локални компании. Првите 350 луѓе се веќе вработени и се на обука во фабриката на Гентерм во Украина. Овој, прв инвеститор во ТИРЗ Прилеп, ќе произведува најсовремени компоненти за потребите на глобалните компании од автомобилската индустрија, како Ферари, Бентли, Рено, Порше. Гентерм е глобална компанија за производство на делови за автомобилска индустрија и е присутна на три континенти со осум фабрики.

Потпретседателот на Гентерм, Јорк Еверст неодамна истакна дека при изборот на нови локации за ширење на својот бизнис разгледувале можности во Романија, Бугарија, Србија, Мароко и Унгарија, а причина за одлуката да инвестираат во Македонија биле квалификациите на луѓето што ги интервјуирале и професионалниот однос на претставниците на Владата на Македонија.

ОДВ електрик кои произведуваат електрични инсталации за автомобили, како Порше, VW, Мерцедес, BМW и други ќе завршат со изградбата на фабриката во Охрид и Струга до средина на годинава. Во Европа, ОДВ електрик има три производствени капацитети и тоа во Германија, Унгарија и Украина. За дополнителен капацитет за проширување барале локации Молдавија, Белорусија, Србија, Бугарија, но се одлучиле за Македонија. Како причина зошто се решиле да инвестираат во Македонија, директорот Лудвиг Батон ја истакна квалификуваната работна сила, како и добрата индустриска традиција, искуството во индустријата и одличната поддршка која ја добиле преку организацијата тука.

Пред три дена и белгиски Ван Хул потпиша договор за проширување на производствените капацитети. Инвестицијата е вредна над 15 милиони евра и ќе се вработат повеќе стотици луѓе. За четири години белгиската компанија планира да инвестира 15 милиони евра со кои бројот на производни линии ќе се дуплира од четири на осум, односно од 500 на 900 автобуси годишно. Фабриката во претстојниот период ќе се прошири од 32 илјади на 78 илјади квадратни метри со што ќе биде најголем индустриски капацитет во земјата. Бројот на вработени од 800 ќе се зголеми на 1.250. Покрај задржувањето на првата позиција на американскиот пазар, автобусите производени во Македонија ќе се извезуваат и во нови европски земји, а неделава беше најавен и извоз во Израел.Покрај директните вработувања проширувањето на инвестицијата ќе значи и поголем ангажман за домашните добавувачи кои сега достигаат 150 кооперанти на фабриката. Ван Хул има 4.650 вработени низ светот, а најголемите фабрики на компанијата се во Македонија и Белгија. Некои од купувачите на автобусите произведени тука се Фејбсук, Гугл и Дизни.

Во Тетово, пак, со изградбата на фабриката на американски Леар за производство на автомобилски навлаки за седишта ќе се отворат нови 2.000 работни места. Корпорацијата Леар (Lear Corporation) е еден од водечките глобални добавувачи на автомобилски седишта и системи за електрична дистрибуција. Леар го опслужува секој поголем производител на автомобили во светот, и производите на Леар може да се најдат на повеќе од 300 називи на возила. Производите од светска класа на Леар се дизајнирани, конструирани и произведени од различни тимови на приближно 132.000 вработени лоцирани во 34 земји.

Годинава во Македонија ќе градат фабрики и германската ГЕС за производство на соларни панели, македонските Хајтек и Те-Те Пласт итн.

Најчитани вести