Македонија

Се градат патишта повеќе од кога било

Се градат патишта повеќе од кога било

Во Република Македонија во моментот турбо се градат патишта, а само за изградба на трите автопатишта Скопје-Штип, Кичево-Охрид и Гевгелија-Смоквица-Демир Капија се вработени над 2.000 луѓе, нагласи премиерот Никола Груевски одговарајќи на пратеничко прашање во врска со изградбата и рехабилитација на автопатиштата, експресните и локалните патишта во земјава, пренесе МИА.

Патот од Миладиновци-Штип, истакна Груевски, 90 отсто веќе е пробиен и голем дел од работите се завршени. Градбата, потсети, е почната во 2014 година, а се планира да се заврши до 2017 година. Засега, рече, работите се одвиваат со добра динамика.

Осврнувајќи се на експресниот пат Велес-Штип до Кадрифаково во должина од   25, 9 километри, за кој се предвидени 14, 6 милиони евра буџет со средства од Европската банка за обнова и развој, чиј почеток на градба беше во септември 2013 година, а се очекува да биде завршен во мај 2016 година, премиерот Груевски појасни дека проектот е поделен во три фази.

Првата фаза од 6,3 килиметри е комплетно завршена, во втората за 8,9 километри градежните работи се реализирани околу 70 проценти и се очекува да бидат завршени до декември 2015 година, додека третата фаза од 10,7 километри веќе изведувачот има почнато со работа и се реализирани 10 проценти од работата, образложи Груевски.

За рехабилитација на патната делница Кочани односно Превалец-Македонска Каменица-Делчево, подвлече тој, во должина од 30 километри се проектира и треба да заврши во август годинава, по што почнуваат процедуралните работи за градба односно за изнаоѓање изведувач, по што се очекува во 2016 година да започне градбата, а да заврши во 2018 година.

Проценетата вредност е околу 10 милиони евра за  овој пат, а ќе се реализира со средства од Светска банка, информира тој, додавајќи оти се очекува во наредните недели да се склучи и договор за надзор, а градежните работи, како што рече, да почнат април-мај 2016 година и да траат 24 месеци.

Работите течат и околу експресниот пат со четири ленти Куманово граница со Бугарија односно делница Ранковци-Крива Паланка, информира Груевски.

Во моментот се преговара со меѓународни финансиски институции за обезбедување средства. Во нашата програма тој беше предвиден да се гради  2017 година, но правиме напори тоа да биде на почетокот на следната година. Се работи за пат од 26 километри и широчина 12,5 метри. Буџетот за овој пат е предвиден да биде околу 78 милиони евра, а ќе се финансира со средства од меѓународни финансиски институции и очекуваме да започне следната година, наместо 2017 година како што ветивме во нашата програма, рече Груевски.

Следниот месец се очекува почеток на градба за реконструкција и проширување на одредени делови од патот Моклино-Смоларе и Дојран-Николиќ.

Во тек се и други градби, споменав за патот Скопје-Миладиновци за кој се предвидени 206 милиони евра, а 90 проценти од трасата е пробиена, се работи на земјени работи. Завршени се сите сите армирано-бетонски потпорни ѕидови, се работи на бетонирање на три мостови, осум натпатника, четири потпатника и пет виадукти. Вкупниот прогрес на градежните работи оди според утврдената динамика и само на овој пат се ангажирани преку 600 работници на траса, информираше премиерот Груевски.

За рехабилитацијата на автопатската делница Неготино – Демир Капија во должина од 8,8 километри, за што е предвиден буџет од околу 9 милиони евра, се очекува да се отпочне со градежни работи во мај 2016 година, а дотогаш, посочи тој, да стане оперативна ИПА 2 програмата и да заврши постапката за избор на градежна и компанија за надзор. Времетрањето на градбата ќе биде 12 месеци од мај-јуни 2016 до истиот период 2017 година.

За експресниот пат со четири ленти Штип – Радовиш во должина од 38 километри се планираше градбата да почне во 2017 до 2019 година, појасни Груевски и изрази надеж дека може да започне и порано. Според сегашните сознанија, подвлече, вредноста е околу 65 милиони евра.

По комплетирање на проектната документација, би требало да се заокружи и финансирањето и некаде следната година да започне градбата и да биде завршен во период од околу две години, рече Груевски.

Тој информира дека во однос на експресниот пат со четири ленти Штип-Кочани во должина од 26 километри и проценета вредност од околу 53 милиони евра во тек е изработка на проектот, по одредени анализи и консултации направени и со градоначалниците на Кочани и Штип.

Градбата се очекува да почне крајот на оваа година и да заврши 2017 година. Очекуваме јавниот повик за изведба да биде во октомври годинава, што значи некаде во декември да започне градбата на овој експресен пат во источниот дел на Република Македонија. Во меѓувреме се расчистуваат имотно-правните односи, истакна Груевски.

Тој додаде оти напредуваат работите и за изградбата на автопатот Кичево- Охрид кој, како што рече, треба да заврши во 2018 година.

На дополнителното прашање од пратеникот Владимир Ѓорчев дали ќе продолжи владината поддршка за изградба на мали и локални патишта, кои се значајни за граѓаните, како и за железничката инфраструктура за набавката за возовите, патнички и товарни вагони, Груевски дециден дека изградбата на локалните патишта била во фокусот изминатите годиниа, за што, како што рече, бевме и доста критикувани од опозицијата.

Сега кога се градат автопатишта повеќе отколку што кој било очекуваше, таа критика престана, но ние не застанавме со градбата, рехабилитација или реконструкцијата  на локалните патишта во РМ. Во овој наш мандат од август 2006 година до јули 2015 година изградени, реконструирани, тоа се најчесто целосно реконструирани околу 700 километри локални патишта во РМ. За период од неполни 9 години, од кои оваа година градиме 46 нови локални патишта во 38 општини во РМ, во вкупна должина од 57 километри и вредност од 7 милиони и 200 илјади евра. Тоа е само за оваа година. До крајот на оваа година сите овие ќе бидат изградени, досега се завршени 17 патишта, 21 се во градба, а останатите ќе започнат и ќе завршат до крајот на оваа година, исткана премиерот Груевски.

За железничката инфраструктура тој потсети дека се набавени нови 6 патнички возови односно гарнитури (локомотива со неколку вагони) во вредност од 24 милиони евра.

Едниот е готов и почната е постапката за пристигнување во Македонија. Останатите сукцесивно, дел по дел ќе доаѓаат до крајот на оваа односно почетокот на следната година. До јануари 2016 година треба да пристигнат сите шест гарнитури на патнички возови, направени согласно најнапредните светски стандарди  за правење патнички возови. Со тоа ќе се заокружи и замената на голем дел од сегашните патничките возови во РМ. Според некои проценки дури две третини. Владата во моментот размислува и за  заокружување на овој проект и за набавка на нови патнички возови во иднина. Тоа го анализираме и не исклучуваме дека ќе одиме и на 100 отсто замена на патничките возови во РМ, потенцира Груевски.

Потсети дека се набавени и 150 товарни вагони и оти сите се ставени во погон.

 Заедно товарните и патничките возови се инвестиција која можеби 50 години не се направила во Македонија за инвестирање во возови, патничи и товарни. Планираме и понатаму набавка на патнички возови, нема да застанеме тука, на локомотиви, на некои од нив ќе се прави репарација. Продолжуваме со модернизација во овој дел, истакна премиерот Груевски одговарајќи на пратеничко прашање, пренесува МИА.