Македонија

Се гради инфраструктурата во Прилеп

Се гради инфраструктурата во Прилеп

Локалната самоуправа на Прилеп ги интензивира работите на изградбата на инфраструктурата во индустриската зона „Прилеп 1“ кај фабриката „Металец“, беше соопштено денеска на прес-конференција во кругот на зоната, пренесе МИА.

Градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески истакна дека се работи на асфалтирање на улиците и пристапниот пат во зоната.

– Лани се поставени водоводната и канализациската мрежа, а годинава продолжуваме со доградба на внатрешната инфраструктура и асфалтирањето. Ќе се асфалтираат сите улици во зоната и пристапот до неа во должина од 700 метри. Од буџетот на локалната самоуправа се издвоени 13 милиони денари и до лето активностите треба да завршат, рече Ристески.

Во индустриската зона „Прилеп 1“ се продадени сите 21 парцела, а пет објекти веќе се градат.

– Изградбата ја почнаа пет капацитети, во најава се уште три и динамиката ќе биде според дозволите за градба што ги добиваат фирмите. Ќе има над 10 капацитети со можност за 1.000 до 2.000 вработувања, изјави Ристески.

Парталелно се подготвува инфраструктурата и во развојно-технолошката зона кај Алинци на 75 хектари која е под ингеренции на ТИРЗ и на Владата.

– Таму интензивно се гради инфраструктурата за да се подготви за една од најголемите инвестиции во Прилеп, американската компанија „Гентерм“ која во рок од две години треба да вработи 2.000 лица. Се запазуваат роковите. Во зоната се израмнува просторот каде ќе се гради капацитетот на компанијата, ќе се поставува внатрешната инфраструктурата и пристапот до зоната, информира Ристески.

Во меѓувреме, ќе се продаваат 10 локации наменети за капацитети на мали и средни претпријатија.