Македонија

Се гради колектор за отпадни води во Добри Дол

Се гради колектор за отпадни води во Добри Дол

Министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири денеска присуствуваше на почетокот на работите од втората фаза на изградба на колекторот за отпадни води во селото Добри Дол, општина Врапчиште.

Изаири искажа задоволство од текот на работите на проектот, кој претходно беше договорено дека ќе биде финасиран заеднички со општина Врапчиште.

– Работите течат со предвидената динамика и според информациите од фирмата која ги изведува работите, треба да завршат за десетина денови. Освен овој зафат, насочен кон заштита на животната средина, министерството ќе инвестира и во изработката на проектни документации за сите населени места на територија на општината, што е предуслов за да се аплицира за финансиска поддршка од ИПА фондовите, изјави министерот Изаири.

Со реализацијата на проектот се очекува надминување на проблемите со одведувањето на фекалните води и обезбедувањето на здрава животна средина во едно од најголемите села во подшарпланинскиот регион.

– Овој зафат е исклучително значаен, бидејќи Добри Дол е едно од најголемите населни места, а канализацијата беше неопходна. По поставувањето на колекторот, етапно ќе се отпочне и со приклучување, изјави градоначалникот на општина Врапчиште, Бајрам Кадрија.

Со втората фаза од проектот за канализација во селото Добри Дол се очекува да биде поставен колекторски цевковод во должина од над 600 метри по главната улица, чија вредност изнесува 4,6 милиони денари, од кои 3 ги обезбеди министерството за екологија.