Македонија

Се гради кружен тек помеѓу улиците Туристичка и Бистрица во Охрид

Се гради кружен тек помеѓу улиците Туристичка и Бистрица во Охрид

Започна  изградбата  на кружниот  тек  на местото каде што се вкрстуваат    улиците   „Туристичка“ и  „Бистрица“.
Градоначалникот на Охрид,  Никола Бакрачески кој денес  беше на терен истакна дека станува збор за проект кој Општина Охрид го реализира со поддршка на  Светска Банка,  вреден  5. 900. 000 денари .

 Се работи за едно современо сообраќајно решение со кое што сакаме да го решиме долгогодишниот проблем на луѓето од овој дел на градот , пред се во делот на безбедноста на пешаците . Како што и сами знаете на ова   исто место во минатото се случуваа голем број незгоди на пешаците . Реализацијата на овој проект значи  и крај  на  сообраќајниот метеж кој што на оваа крстосница особено беше изразен за време на летните месеци. Се работи за кружен тек со дијаметар од 12 метри . Истиот ќе биде модерно хортикултурно уреден. Ќе има поставено вертикална и хоризонтална сигнализација. Со проектот предвидена е и изградба на атмосферска канализација а ќе се  уредат и  тротоарите околу кружниот тек,  рече градоначалникот Никола Бакрачески  кој истакна дека станува збор за еден од многуте проекти  кои Општина Охрид ги реализира пред почетокот на летната туристичка сезона.

Како што знаете веќе привршуваат градежните активности кои се однесуваат на реконструкција на патната делница  од Елешец до Елшани. Веќе е завршена една фаза од изградбата на патот Охрид – Велестово. Во овој момент се работи на изградба на двоен терен за одбојка и фудбал на песок во месноста Грашница. Се привршува еден дел од канализационата мрежа  помеѓу   младинските одморалиштата „Партизан“ и „Младост“, додаде градоначалникот  Бакрачески и најави дека наредната недела  започнува реализацијата на  уште еден крупен проект кој се однесува на  поставување на нова атмосферска канализација на неколку улици  во населените места Воска – Даљан по што тие улици  ќе бидат целосно реконструирани и  асфалтирани.

По летната туристичка сезона  ќе бидат завршени и останатите кружни текови по улица „Туристичка“. Ќе бидат вкупно пет на број. Почнувајќи од овој чија реализација започнува денес. Со тоа најавувам интензивни градежни активности односно реализација на проекти кои  сме им ги ветиле на охриѓани а кои во текот на 2015 година ќе бидат остварени,подвлече градоначалникот Бакрачески.

 Претседателот на Урбаната  Заедница Воска – Далјан, Горан Митрески  се заблагодари на Општина Охрид и на заложбите на градоначалникот Бакрачески, населените места Воска – Далјан  конечно да го добијат уредниот  лик што го заслужуваат.


Во минатонеделната средба со граѓаните од  УЗ „Воска“, градоначалникот Бакрачески ги најави проектите. Некои од нив веќе започнаа да се реализираат како што е изградбата на спортското игралиште кај Грашница. Започна изградбата на фекалната и атмосферска канализација во Далјан. Следуваат целосното уредување на улиците „Трајче Трајчески“, „Мичо Гилиќ“ и „Сатеска“. Ќе се уредува крајбрежјето и плажите . Проектот кој започна денес  е особено значаен.  „Туристичка“ е централна  градска улица а реконструкцијата на крстосницата  меѓу неа  и  улицата  „Бистрица“  на жителите од населба  Воска ќе  им овозможи безбедно вклучување и исклучување  во  сообраќајот , изјави Митрески.

Градежните работи на кружниот тек помеѓу улиците „Туристичка“ и „Бистрица“  ќе ги изведува АД „Илинден“ од Струга.