Се интензивира изградбата на комерцијалните станови

АД за изградба и стопанисување со државен станбен и деловен простор следната година ќе ја интензивира изградбата на комерцијалните станови и ќе почне изградба на нови комерцијални градби на уште две локации, пренесува МИА.

– Сметам дека АД треба подобро да го испитува пазарот и да вложува онаму каде има најмногу интерес од граѓаните. Ние тоа го работиме и наредната година ќе одиме со поголема динамика за изградба на вакви станови затоа што сметам дека и продажбата на становите во 2015 ќе биде зголемена. За цените остануваме како што е и политиката на Владата, односно да бидеме коректор на цената во државата. Ќе одиме со реални пазарни цени, изјави денеска директорот на АД за стопанисување со државен станбен и деловен простор Цветко Грозданов.

Во наредните 10 дена, најави, ќе биде објавен оглас за издавање под 10 годишен закуп, преку електронско наддавање, на административниот и деловен простор во катната гаража „Разловечко востание“ спроти Градскиот трговски центар. Деловниот простор опфаќа подрум, приземје и пет ката, а согласно законската регулатива е застапен со 15 проценти од вкупната површина на катната гаража, односно 3.170 метри квадратни.Почетната цена за просторот на приземјето каде што се наоѓаат дуќаните ќе изнесува 23 евра по метар квадратен, а за административниот 4,5 евра по метар квадратен.

– Сметам дека ова е релативно ниска цена и оти голем дел од правните субјекти кои беа заинтересирани за овие простории ќе пројават интерес и ќе се јават на овие огласи, рече Грозданов.

Испитувањето што го направиле на пазарот покажало дека има интерес од доста правни субјекти и за купување на деловниот простор. – Во интерес на вработените сметам дека овие простории не треба да се проддадат туку да одат под закуп. Политиката на АД е од собирањето на закупнината е да се обезбедат трошоците за одржување и за плати и други трошоци, а од продажбата на комерцијалната градба за проекти на Владата и за проектот станови за деца без родители и за социјално ранливите категории, наведе Грозданов.

Годината што изминува за АД за стопанисување со станбен и деловен простор, според Грозданов, е успешна со позитивни финансиски резултати. Пуштени се во употреба 516 паркинг места во катната гаража „Разловечко востание“, 270 во гаражата „Солунски конгрес“. Во тек е изградба на третата катна гаража. Од комерцијалната градба се продадени 325 стана во комплексот реонски центар „Аеродором“ и 50 стана во „Радиобран“, почната е градбата на станбен блок со 126 стана во Општина Аеродром наспроти „Американ колеџ“. – Годинава почнавме со изградба на 119 станови наменети за лица од социјално ранливите категории во Демир Хисар, Ресен и Прилеп, кои ќе бидат пуштени во употреба во февруари следната година, информира Грозданов.