Се инвестираат милиони евра во автопатите

автопати

Капиталните инвестиции во инфраструктура надминуваат милијарда евра, изградена или реконструирана е патна мрежа од над 1.300 километри. Клучни се трите нови автопати: од Демир Капија до Смоквица (проект што се реализира со европски пари), од Миладиновци до Штип и од Кичево до Охрид (проекти што се реализираат со кинески пари).

„Миладиновци – Штип  е веќе над 50 проценти завршен, околу триесетина километри во двата правци се веќе асфалтирани. Демир Капија – Смоквица е автопат што речиси целосно можете да го извозите, веќе е при крај, очекувам идната година да го пуштиме во употреба. Ако времето не послужи ќе стигнеме да го пуштиме во употреба и Миладиновци – Штип. За најголемиот проект, Кичево – Охрид, ќе треба повеќе време, околу две години, бидејќи е ова најтешката траса. Се работи за многу косини, тунели, вијадукти, мостови. Сепак, постојано се зголемува бројот на активности и динамиката, компаниите влегуваат со поголем елан и Македонија во следниве години ќе добие три целосно нови автопати“ – вели министерот за транспорт и врски, Владо Мисајловски.

Градежната оператива е целосно мобилизирана, а градежништвото продолжува да биде носител на економскиот раст. Овој сектор во вториот квартал од годинава забележа позитива од 31 процент, што одеше паралелно со интензивирањето на изградбата на патиштата низ земјава, без разлика дали се работи за автопатите, експресните, регионалните и локалните патни правци.

„31 процент раст на еден сектор е огромно нешто, незабележан во поновата историја на Република Македонија. Градежниот сектор повлекува уште 26 други стопански гранки и јас искрено се надевам дека овој раст ќе продолжи и во иднина“ – вели првиот човек на градежната комора при ССК, Роберт Хот.

Капиталните инвестиции во патната инфраструктура значат побрз транспорт, пониски трошоци, зголемена конкурентност.

„Изградбата на овие автопатски делници претставува изградба на капитални проекти од национално значење, бидејќи само со овие автопатски делници се зголемува вкупната автопатска мрежа во државава за 50 проценти“ –  вели владиниот портпарол, Александар Ѓеоргиев.

Над 230 милиони евра во Коридорот 10

Во моментов во Коридорот 10 се вложуваат повеќе од 230 милиони евра. Се работи на новата автопатска делница од Демир – Капија до Смоквица, од Смоквица до Гевгелија, од Демир Капија до Неготино, од Куманово до Скопје.

„Идната година очекувам на Коридорот 10 да имаме модерна автопатска делница по сите светски стандарди. Инвестираме над 230 милиони евра за подобрување на сообраќајот“ – вели Мисајловски.

Новиот автопат Демир Капија – Смоквица в година ќе биде целосно готов. Се работи за делница од 28 километри што почна да се гради во септември 2012 година. Проектот се работи со пари од ЕБОР, ЕИБ, ИПА фондовите и дел од средствата се од државниот буџет. На овој потег има два двоцевни тунела во должина од 1.200 метри и шест мостови, од кои најголемиот е со должина од 660 метри.

Паралелно, веќе се завршени над 80 проценти од планираните работи за обнова на автопатот од Смоквица до Гевгелија во должина од 10 километри.

„Реконструкцијата на оваа делница е од огромно значење за економскиот развој на општината, бидејќи ќе се привлечат нови инвеститори“ – оценува градоначалникот на Гевгелија, Иван Франгов.

Автопат кон Охрид – инвестиција од непроценливо значење!

Македонија беше прва од земјите од средна и од источна Европа што успеа да стигне до кинеските пари, наменети за инвестиции во регионот. Преку ЕКСИМ банката се градат новите автопатишта од Миладиновци до Штип и од Кичево до Охрид.

Автопатот до нашиот најголем туристички центар е во должина од 57 километри и претставува еден од најважните инфраструктурни проекти воопшто во земјава, инвестиција од 374 милиони евра.

Станува збор за сложен инфраструктурен зафат, предвидени се две ленти од двете страни и дополнителни за запирање, зелен појас, 6 надзвозници и 13 подвозници, тунели кои ќе се следат од контролна соба со камери.

„Ова е најголемата капитална инвестиција во последните неколку децении што се реализира во Македонија, вредна 374 милиони евра. Ова е практично најголемиот автопат што досега се градел во земјава“ – вели Мисајловски.

Ангажирани се повеќе од 1.200 работници и над 500 градежни машини.

„Станува збор за најголемата концентрација на работна сила кога е во прашање реализацијата на капитални проекти“ – вели директорот на ЈП за државни патишта, Александар Стојановски.

Со кинескиот кредит се финансира и проектот за нов автопат кон Штип во должина од 47 километри, вреден 207 милиони евра.

„Ќе има по три коловозни летни. Квалитетот на градба е одличен и задоволни сме од досега сработеното“ – изјави главниот надзорен инженер, Томислав Ковачовски.

Се реализираат ветените проекти

Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ги реализира ветените проекти. Велес и Штип се поврзаа со нов експресен пат, веќе се работи на исклучително важната делница од Градско до Прилеп, а иста конекција ќе има и на потегот од Штип до Кочани и од Радовиш до Штип. Првиот проект е вреден 53 милиони евра, вториот 64 милиони евра. Експресен пат е планиран и од Ранковце до Крива Паланка.

„Овие патишта ќе бидат во вкупна должина од околу 200 километри, а за нив ќе бидат инвестирани над 200 милиони евра. Со ова сериозно ќе биде подобрена патната инфраструктура во источна Македонија“ – вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Груевски вети и нови проекти.

„Ќе изградиме нов експресен пат од влезот на Битола преку Жабени до граничниот премин Меџитлија. Нов експресен пат со четири ленти Битола – Жабени – граница со Грција. Ќе извршиме целосна модернизација и реконструкција со проширување на двата влеза во Битола. Ќе инвестираме нови 10 милиони евра, подготовките ќе ги започнеме в година, градбата ќе заврши меѓу 2019 и 2020 година“ – изјави Груевски.