Се излеа браната Калиманци, надлежните на терен

Заради брзото топење на снегот на повисоките места, попладнево дојде до очекуваното излевање на браната Калиманци и поплавување на регионот каде поминува реката Брегалница и сите нејзини притоки и помали реки како Оризарска река, Кочанска река, Зрновска река и Суводолица.

Во општина Чешиново-Облешево веќе има големи поплави, а вечерва на удар на поплавите се очекува биде Штип.

Најзагрозено место е населбата Ново Село во Штип, каде се очекува околу 20 часот да надојде вода од еден и пол метри над улицата. Премиерот Никола Груевски, министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, министерот за транспорт Миле Јанакиески, заменик министерот за земјоделие Ванчо Костадиновски и државниот секретар во министерството за одбрана Сашо Стефановски речиси цел ден се во Штип, Чешиново- Облешево и другите загрозени подрачја во регионот, заедно со градоначалниците, пратениците и жителите.

Премиерот и неговите соработници ќе останат и вечерва заедно со жителите во овој регион, обидувајќи се да помогнат во активностите во кои се вклучени АРМ, МВР, Агенцијата за спасување и сите други државни институции кои можат да помогнат

Се алармираат жителите на брегалничкиот регион во загрозените подрачја итно да се евакуираат, особено оние кои немаат втор кат во куќите и особено децата, жените, старите лица и болни лица.

Исто така потребна е брза евакуација на добитокот, преместување на моторните возила, земјоделска механизација и вредни работи. Поплавата во текот целата ноќ ќе се зголемува до рано изутрина. Се очекува од утре да почне постепено намалување на надојдените води.

И бунарите за вода во Штип поплавени. Водата не смее да се користи за пиење туку само како техничка вода. Кризниот штаб во Штип ги повикува жителите на Ново Село, а особено постарите лица, жеите и децата ноќта да ја минат надвор од нивните домови. Оние кои немаат каде да преноќат ќе бидат префрлени во касарната во Штип којашто има доволно капацитет да ги прифати.