Се изработува новиот мебел за студентските домови

Студентите сместени во државните студентски домови наскоро ќе добијат значително унапредени услови за престој со набавката на комплетно нов мебел кој што е во фаза на изработка.
За оваа активност е потпишан договор со компанија која има доставено најповолна понуда и активностите на терен се веќе започнати, односно за дел од студентските домови се земени мерки за мебелот и истиот се изработува.

Заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски пред две недели информираше дека набавката на новиот мебел за сите 10 студентски домови, според очекувањата треба целосно да се реализира до крајот на месец април.

-Според договор е предвидено набавка на нови кревети, душеци, маси, столици, бироа и плакари за сите 10 државни студентски домови. За оваа инвестиција од буџетот на министерството за образование и наука одвоени се 100 милиони денари, истакна Ристовски.

Реализацијата на инвестицијата најпрво ќе биде фокусирана на поголемите студентски домови во Скопје каде што има поголема концентрација на студенти, а потоа и на останатите домови низ Република Македонија.

Покрај набавката на новиот мебел Владата и МОН минатата година извршија целосна промена на сите постоечки лифтови во сите студентски домови, за што беа инвестирани 15 милиони денари, а во тек е и инсталирањето на машините за перење и сушење – инвестиција во вредност од 11 милиони денари.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.